Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ денеска одржа седница на која беа донесени повеќе одлуки насочени кон, како што истакна претседателот на партијата Христијан Мицкоски, понатамошно јакнење и модернизација на партиската структура.
Мицкоски информираше дека за нов генерален секретар е избран пратеникот Драган Ковачки, а формиран е и нов Извршен комитет кој, според него, претставува спој на искуство и нова енергија.
„Овие одлуки се јасен показател дека партијата се менува и се прилагодува на новите предизвици. Нашата цел е создавање силна, ефикасна и обединета структура која ќе понуди конкретни и одговорни решенија за потребите на граѓаните“, изјави Мицкоски.
Тој најави дека во наредниот период ќе следува кадровско екипирање и дополнително отворање на партијата кон нови идеи и луѓе, како и избор на претседатели на општинските комитети и нови раководства на Унијата на жени, Унијата на млади сили и Унијата на ветерани.
Во новиот состав на Извршниот комитет се избрани Александар Николоски, Владо Мисајловски, Гордана Димитриеска-Кочоска, Тимчо Муцунски, Ѓорѓија Сајкоски, Никола Мицевски, Луке Галески, Антонијо Милошоски, Дафина Стојаноска, Рашела Мизрахи, Влатко Ѓорчев, Кирил Пецаков, Марија Андоновска, Ели Панова, Игор Јанушев, Марија Митева, Благоја Ташаминов, Орце Ѓорѓиевски, Онер Јакупоски, Драгана Бојковска, Синиша Стојаноски, Стефан Андоновски, Филип Поповски и Бобан Николовски. Согласно статутот, на нив ќе им се приклучат и новите претседатели на партиските унии.
За организационен секретар е избран Ивица Томовски, додека Владимир Нелоски продолжува да ја извршува функцијата шеф на кабинетот на Мицкоски, како во Владата, така и во рамките на партијата.
Мицкоски порача дека партијата влегува во нова фаза на организациско зајакнување и подготовка за претстојните политички процеси.
„ВМРО-ДПМНЕ продолжува по патот на обнова, обединување и подготовка за нови изборни победи, со јасна цел – подобар живот за сите граѓани“, нагласи тој.
skopjeimfo.mk




