Молдавската претседателка Маја Санду сè почесто се залага за обединување со Романија

Двајцата шефови на држави очигледно негуваат големи меѓусебни симпатии. На почетокот на мај, молдавската претседателка Маја Санду и нејзиниот романски колега, Никушор Дан, објавија заедничка фотографија на нивните профили на Фејсбук. Двајцата се сликани насмеани еден до друг во романски воен авион. „Заедно со претседателот Никушор Дан сме на пат кон главниот град на Ерменија, каде што ќе се одржи самитот на Европската политичка заедница“, напиша Маја Санду во објавата.

Ова е првпат претседателите на Република Молдавија и на Романија да патуваат заедно на меѓународен самит и во согласност со дипломатскиот протокол, официјално заеднички да бидат пречекани по пристигнувањето. Овој гест веројатно бил испланиран и носи длабока симболична порака во врска со една тема која што добива сè поголема важност, имено обединувањето на Република Молдавија и Романија. За првпат досега, двете земји истовремено ги предводат луѓе кои обединувањето го гледаат во позитивно светло. Досегашните молдавските претседатели беа против. Во Романија, пак, само Трајан Басеску – кој беше претседател од 2004 до 2014 година – беше цврст застапник на „единството“.

„Романија е подготвена“
Актуелната молдавска претседателка Маја Санду е позната по својот став за единство, но долго време темата ја начнуваше мошне ретко. Дури во изминатите месеци таа почна отворено да се изјаснува за обединување во интервјуа со меѓународни медиуми. Во јануари 2026 година Санду за Би-Би-Си рече дека доколку се одржи референдум за обединување, таа лично ќе гласа „за“. Кон крајот на април во разговор за весникот „Ле Монд“ таа повторно се залагаше за обединување.

Романскиот претседател Никушор Дан потоа се изрази позитивно за проектот наведувајќи дека „Романија е подготвена за тоа“. Дан е првиот романски претседател кој не покажува патерналистички став кон своите „браќа и сестри на североисток“, туку кон соседната земја и нејзиниот народ се однесува како кон еднакви. Овој пристап наидува на одобрување во Република Молдавија.

Освен тоа, Маја Санду и Никушор Дан имаат блиски лични односи. Двајцвата во минатото беа долгогодишни антикорупциски активисти, борејќи се против државното самоволие и злоупотребата на моќта. Маја Санду, како и многу сонародници, има романско државјанство. Како претседател, таа го поддржа Никушор Дан за време на романските претседателски избори во мај 2025 година и гласаше за него.

Заеднички јазик и историја
На прв поглед тоа може да изгледа чудно, шеф на држава кој е исто така граѓанин на соседна земја, таму гласа и на крајот се залага за распаѓање на сопствената држава. Сепак, тоа покажува колку се тесно испреплетени Република Молдавија и Романија – јазично, историски и културно.

Официјален јазик во двете земји е романскиот. Во 1812 година Русија и Отоманската Империја го поделија поранешното Кнежевство Молдавија, а границата која се протегаше речиси точно на средина, е реката Прут.

Кратко по Првата светска војна, во декември 1918 година, новонастанатата лидерска елита во делот од Молдавија анектиран од Русија, гласаше за повторно обединување со Романија, држава која беше основана во 1859 година преку обединување на кнежевствата Молдавија и Влашка.

Во 1940 година, советскиот диктатор Сталин нареди повторно припојување на молдавската територија од левиот брег на реката Прут, согласно пактот меѓу Хитлер и Сталин, и заедно со тесниот појас Транснистрија, ја формираше Молдавската Советска Република. Таа прогласи независност во 1991 година, пред официјалниот распад на Советскиот Сојуз.

Долго време движењата за обединување не играа никаква значајна политичка улога ниту во Молдавија ниту во Романија. Русија, сепак, уште од 1991 година предупредува од наводно „фашистичко обединување“ на Република Молдавија со Романија. Тоа беше и еден од наративите што го поттикнаа постепеното отцепување на Транснистрија од Република Молдавија меѓу 1990 и 1992 година, што беше првата војна на Русија по распадот на Советскиот Сојуз.

 

DW