Oткако беше домаќин на Доналд Трамп, кинескиот претседател Ши Џинпинг го пречекува и рускиот лидер Владимир Путин

Наизглед, посетата на рускиот претседател Владимир Путин неделава (19 и 20 мај, 2026) во Кина и средбата со неговиот колега Ши Џинпинг се одвиваат по повод одбележувањето на 25-годишнината од руско-кинескиот Договор за добрососедство, пријателство и соработка од 2001 година.

Меѓутоа, тајмингот на ова патување – само неколку дена по државната посета на американскиот претседател Доналд Трамп во Пекинг – е вреден за внимание и ја истакнува влијателната позиција на Кина во геополитичкото опкружување кое сè повеќе е поделено и одбележано со ривалства меѓу големите сили.

Што е на дневен ред на самитот Путин–Ши?
Се очекува темите на разговор да вклучуваат билатерални, економски и трговски прашања, како и дискусии за меѓународни и регионални прашања.

Поради изолацијата на Москва од страна на Западот поради инвазијата врз Украина, Кина стана убедливо најголем трговски партнер на Русија, испорачувајќи повеќе од една третина од нејзиниот увоз и купувајќи повеќе од една четвртина од рускиот извоз.

Сепак, партнерството наводно има и воена димензија. Истрага на новинската агенција Ројтерс од јули 2025 година наведува дека кинески компании наводно користеле „параван“ фирми за испорака на мотори за дронови на руски производители на оружје, декларирајќи ги како индустриска опрема за ладење. Пекинг го демантира тоа.

 

 

DW