Националниот ден на Унгарија – пресметка меѓу Маѓар и Орбан

Деновите кога на еден од трите национални празници за мнозинството Унгарци политичките разлики донекаде беа во втор план, се одамна минато. Унгарскиот премиер Виктор Орбан уште пред многу години почна на овие денови, кои се однесуваат на целата земја, да ги жигосува, оцрнува и директно да ги демолира критичарите. И така, националните празници во Унгарија секоја година станаа пригоди кога затруената јавна клима особено се чувствува.

Овогодинешниот 23 октомври повторно ги надмина сите претходни. На денот кога се одбележува антикомунистичката револуција од 1956 година, која беше крваво потисната од Советскиот Сојуз, десетици илјади поддржувачи на два политички табора маршираа во Будимпешта на два масовни изборни митинзи – олицетворение на двајцата Унгарци кои ќе се соочат на парламентарните избори во април 2026 година.

Барем за Виктор Орбан, целта на 23 октомври беше да им се одземе правото на сите противници и дисиденти да припаѓаат на земјата и нацијата. „Секој што е Унгарец е со нас“, беше напишано на огромен ѕид пред зградата на парламентот, каде што Орбан го одржа својот говор. Премиерот ги нарече Унгарците кои не го поддржаа него и неговата партија Фидес (Сојуз на млади демократи) „заблудени луѓе“.

Предизвикувачот на Орбан, Петер Маѓар, чија партија Тиса (Почит и слобода) има добри шанси да го победи долгогодишниот премиер, во голема мера бараше помирувачки тон во својот говор на Плоштадот на хероите во Будимпешта. Кога меѓу неговите поддржувачи се појавија скандирањата „Валкана Фидес“, кои веќе некое време станаа вообичаени, тој брзо го крена гласот на микрофонот за да ги задуши слоганите. Сепак, голем дел од неговиот говор беше посветен на прогласување на себеси и неговата партија за победници на изборите и на објавување на радикална промена на системот.

„Покажување на сила“ од двата табора
Митингот на Орбан беше наречен „Марш на мирот“, додека оној на Петер Маѓар беше наречен „Национален марш“. Затоа, независните унгарски медиуми го третираа овогодинешниот 23 октомври како „натпревар“ и „покажување на сила“ меѓу двата политички табора, прашувајќи: „Кој ќе победи на денот – Маѓар или Орбан?“ или „Каде имаше повеќе луѓе?“

 

 

DW