По речиси една година на функцијата како претседател на САД, Доналд Трамп во обраќањето до нацијата зборува во нешто помалку од 20 минути првенствено го истакна сопствениот напредок. Темата надворешна политика речиси целосно ја игнорираше. Претседателот се покажа особено оптимистичен во однос на економската состојба. Пред една година земјата била „мртва“, но сега е „најпопуларната“ во светот, рече тој. Пред да дојде тој на власт САД биле земја со „милиони криминални странци“, „разбудено“ општество и инфлација излезена од контрола. Но, сега САД пред сѐ бележат „економски бум каков што светот никогаш не доживеал“. Таквата позитива слика сепак не се отсликува и во актуелните истражувања на јавното мнение. Рејтингот на претседателот опаѓа, првенствено поради инфлацијата која и натаму опстојува, како и заради високите трошоци за живот за американските граѓани. Токму таквото незадовлство ги загрижува Трамп и Републиканците во пресрет на среднорочните избори кои ќе се одржат за околу една година. На овие избори, партијата мора да го одбрани мнозинството во Конгресот, па затоа американскиот претседател сѐ почесто повторува дека неговите економски политики функционираат и дека Американците наскоро ќе ги почувствуваат придобивките во своите паричници.
Администрацијата на Бајден крива за сè
Од перспектива на Трамп, претходната влада под водство на демократот Џо Бајден е одговорна за постоечките проблеми во САД. Републиканецот уште на почетокот на обраќањето јасно до знаење ја стави оваа поента, известува дописникот на АРД, Карстен Кинтоп. Трамп тврди дека наследил „хаос“ што сега го става во ред. Во својот говор Трамп се расфрлаше со бројки кои како такви не може да се потврдат.
Тој тврдеше дека веќе привлекол 18 милијарди долари инвестиции во земјата, но цифрата реално е многу помала, наведува Кинтоп. А, тврдењето на Трамп дека цените на лековите паднале и до 600 проценти за време на неговото претседателствување е математички невозможно.
Ни збор за Украина или Венецуела
Трамп не потроши ни збор на надворешно-политички теми, како напорите за прекин на огнот во Украина, иако неодамна се одвиваа нови разговори со учество на САД во Берлин, а денес на самитот на ЕУ во Брисел на дневен ред се натамошни консултации во врска со земјата во војна. Немаше место ни за конфликтот со Венецуела во говорот на Трамп. Од септември американските сили во повеќе наврати напаѓаат бродови во Карибите и источниот Пацифик, на кои според САД се одвива шверц на дрога. САД на Венецуела ѝ префрлаат дека активно поттикнуваат трговија со дрога во САД. Во вторникот Трамп масовно го зголеми притисокот врз авторитарниот претседател на земјата, Николас Мадуро, со наредбата за блокада на санкционирани танкери за нафта во водите пред венецуелското крајбрежје.
„Дивиденда“ за воени лица
На американските војници Трамп им вети подарок – еднократна исплата што ја нарече „воена дивиденда“. Речиси 1,5 милиони воени лица треба да добијат чек од 1.176 долари. Сумата алудира на Декларацијата за независност на САД во 1776 година. Исплатата треба да се финансира со приходи од царините што Трамп ги воведе по враќањето во Белата куќа во јануари годинава.
DW




