Пратениците на денешната собраниска седница го поддржаа предлогот Ненад Савески да биде новиот државен јавен обвинител. За Савески гласаа 66 пратеници, „против“ беа двајца, а осуммина гласаа воздржано.
Савески, кој моментално е судија во Основниот кривичен суд – Скопје, беше номиниран од Владата на 10 март. Неговата кандидатура следува по оставката на поранешниот обвинител Љупчо Коцевски и по спроведената постапка во која учествуваа петмина кандидати.
Николоски: Македонија очајно има потреба од правда и владеење на правото
„На Македонија очајно ѝ е потребна правда и владеење на правото. Потребно е јасно отворање и процесуирање случаи што ќе донесат подобрување на имиџот на државата и на обвинителско-правосудниот систем“, изјави вицепремиерот Александар Николоски пред пратениците на седницата на која се избираше државниот јавен обвинител.
За Ненад Савески рече дека е професионалец без ниту една дамка во кариерата.
„За жал, оваа состојба во која се наоѓа обвинителско-правосудниот систем не дава доверба кај граѓаните. Повеќето се скептични дали се носат правилни одлуки. Не е случајно што рејтингот на овие две институции е околу 2%. Тоа ќе биде сериозна задача за новиот јавен обвинител“, нагласи Николоски.
Тој додаде дека Савески е „еден од светлите примери“ во судството и обвинителството и човек со долгогодишно искуство како обвинител и судија. „Имаме човек кој е мотивиран и кој ќе биде прв што треба да испорача правда во Македонија“, рече Николоски.
Кој е Ненад Савески?
Ненад Савески е роден во 1976 година, живее во Гостивар и е магистер по казнено право. Магистрирал и дипломирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ. Правосудниот испит го положил во 2003 година.
Од 2016 година е судија во Основниот кривичен суд – Скопје, во одделот за организиран криминал и корупција.
Претходно, од 2009 до 2016 година работел како јавен обвинител во Основното јавно обвинителство, а од 2004 до 2009 година бил стручен соработник во Основниот суд Гостивар. Таму работел и како судски приправник од 2000 до 2002 година.
DW




