По назначувањето на американскиот специјален пратеник за Гренланд, данскиот министер за надворешни работи Ларс Леке Расмусен најави на ТВ2 дека ќе го свика на разговор американскиот амбасадор Кен Хауери. Претходно, во изјава за новинската агенција АФП, Расмусен ја повика американската влада да го почитува суверенитетот на Данска. Неговата влада инсистира дека „сите – вклучително и САД – мора да покажат почитување на територијалниот интегритет на Кралството Данска“, рече Расмусен. Тој додаде дека е „многу лут“ поради назначувањето на пратеник во Гренланд и го нарече потегот „целосно неприфатлив“. Американскиот амбасадор ќе биде повикан во данското Министерство за надворешни работи во наредните денови за да даде „објаснување“ за назначувањето.
Премиерот на Гренланд останува смирен
Премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, покажа помалку вознемиреност. „Нема причина за тоа“, напиша тој на Фејсбук. Назначувањето на американски пратеник не го менува фактот дека Гренланд сам одлучува за својата судбина. „Со задоволство соработуваме со други земји, вклучувајќи ги и САД, но тоа секогаш мора да биде со почит кон нас, нашите вредности и желби“, напиша Нилсен.
Во последните месеци, Доналд Трамп повеќепати се закануваше дека САД ќе го преземат островот богат со ресурси кој ѝ припаѓа на Данска. Во неделата, тој на платформата Трут соушал го објави назначувањето на Џеф Ландри, гувернерот на американската држава Луизијана, за пратеник во Гренланд.
Пратеникот Ландри: „Гренланд да се приклучи кон САД“
„Еден одличен гувернер разбира колку е важен Гренланд за нашата национална безбедност и силно ќе се залага за интересите на нашата земја“, рече Трамп. Ландри се заблагодари на мрежата Х и додаде: „Чест ми е да се пријавам доброволно да служам за да го приклучиме Гренланд кон САД“. Спорот околу Гренланд повторно се појави откако Трамп го започна својот втор мандат во јануари. Кон крајот на март, потпретседателот Џ.Д. Венс ја посети американската воена база Питуфик во северозападен Гренланд, што беше широко оценето како провокација. На крајот на август, данската телевизија ДР објави дека најмалку тројца функционери блиски до Трамп се обиделе да влијаат на Гренланд, по што Данска го повика вршителот на должноста амбасадор на американската амбасада.
Уште во својот прв мандат од 2017 до 2021 година, Трамп ја покажа својата намера да го преземе островот, наведувајќи национални и „меѓународни безбедносни“ причини.
Гренланд и Данска против анексија
Гренланд и Данска одлучно ја отфрлаат анексијата. Околу 57.000 луѓе живеат на најголемиот остров во светот – Гренланд, кој се наоѓа на Арктикот, и е четири петтини покриен со мраз и е шест пати поголем од Германија. Постојат вредни ресурси во почвата кои досега слабо се искористени. Од 1979 година, Гренланд има широка автономија, но Данска сè уште одлучува за надворешната и одбранбената политика.
DW




