Иранските и американските вооружени сили продолжуваат да трагаат по вториот член на екипажот од американскиот борбен авион што се урна над Иран, откако Техеран објави дека соборил летало од типот Ф‑15. Според американските медиуми, едниот пилот бил пронајден и извлечен од специјалните единици на САД, додека потрагата по вториот сè уште трае. Кратко по ова, иранските власти соопштија дека собориле и втор американски авион, модел A‑10.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека загубата на авионите нема да влијае врз тековните преговори меѓу Вашингтон и Техеран.
Иран тврди дека соборил Ф-15 над централниот дел на земјата
Првичните информации беа објавени од иранските државни медиуми, кои прикажаа и видеоматеријал за кој беше наведено дека го покажува урнатиот авион на земја. Според локален ТВ‑канал, што се повикуваше на полициско соопштение, леталото било погодено над централниот дел на Иран и веднаш потоа се урнало.
„Американски борбен авион беше погоден и уништен во централниот воздушен простор на Иран од противвоздушниот систем на Воздухопловната единица на Иранската револуционерна гарда“, соопшти командниот центар на иранската армија. „Авионoт е целосно уништен, а потрагата продолжува.“
Во меѓувреме, американската армија започна широка спасувачка операција. На социјалните мрежи се појавија снимки на кои, наводно, се гледаат нисколетачки американски хеликоптери и авион што учествувал во потрагата. Според Си-Ен-Ен, спасениот член на екипажот добил итна медицинска помош.
Еден новинар од локален ирански медиум изјави дека „секој што ќе фати жив член на екипажот ќе добие награда“.
DW




