Путин го прими Виткоф: За што ќе се преговара во Москва?

Што се знае за состојбата на преговорите?
Во моментов, малку се знае за напредокот на разговорите. Во текот на викендот, претставници на САД и Украина се состанаа во Мајами за да разговараат за промените во оригиналниот план од 28 точки на администрацијата на Доналд Трамп, кој во голема мера се поклопуваше со руските интереси.

Откако се дозна за овој план во ноември, водечките европски држави, ЕУ и Украина инсистираа на промени, што доведе до разговори во Женева, кои очигледно резултираа со ревидиран документ и беа продолжени во Мајами.

Американскиот државен секретар, Марко Рубио, последователно ги опиша разговорите во Мајами како „многу продуктивни“. Целта, рече тој, не е само мир, туку и да се помогне на Украина „да биде засекогаш безбедна, за никогаш повеќе да не мора да се плаши од инвазија“.

Кои се проблематичните точки во преговорите?
Украина бара безусловно примирје и сака да преговара за сè друго потоа.

Русија, од друга страна, сака да бидат исполнети нејзините барања пред да се согласи на прекин на огнот. Централната поента на Русите е нивното инсистирање на територијални отстапки од Украина. Шефот на Кремљ, Владимир Путин, бара Украина целосно да се откаже од Донбас, што значи од регионите Луганск и Доњецк, како и да се повлече од областите што сè уште ги контролира. Украина досега тоа го одбива.

Москва, исто така, ги бара и регионите Херсон и Запорожје. Сепак, од летото има извештаи според кои Путин би бил подготвен да ја замрзне линијата на фронтот во овие области. Затоа, овие региони би останале делумно под контрола на Украина.

И првичниот план на САД од 28 точки го содржи ова. Русите исто така сакаат демилитаризација и неутрален статус на Украина – без членство во НАТО. Во исто време, тие бараат запирање на испораките на оружје од Западот и укинување на санкциите.

Од перспектива на Украина, правно признати територијални отстапки не доаѓаат предвид. До кој степен Киев всушност ќе мора да попушти на одредени барања засега е шпекулативно. Во секој случај, отстапките за територијалните прашања зависат од тоа дали и какви безбедносни гаранции ќе добие Украина и кој ќе биде гарант во случај на криза. Формално, Украина затоа нема да се откаже од својата долгорочна цел за членство во НАТО – но членството во блиска иднина е нереално.

 

 

 

DW