Примирјето меѓу САД и Иран повторно е ставено на сериозен тест: како реакција на нападите врз танкери во Ормускиот Теснец, американската војска нападнала десетици цели во Иран. Покрај тоа, САД повторно ги воведоа санкциите за иранската нафта. Според медиумски извештаи, иранската војска најавила одговор на американските напади. Набргу потоа, армијата на Кувајт, сојузник на Вашингтон во Заливот, пријави непријателско гранатирање. Сирените рано наутро завиваа и во Бахреин.
Американската војска соопшти дека бомбардирала повеќе од 80 цели во Иран, меѓу кои и системи за противвоздушна одбрана, противбродски ракети, како и повеќе од 60 бродови на Револуционерната гарда во или во близина на Ормускиот Теснец. Според провладиниот телевизиски канал „Прес ТВ“, повредени биле повеќе лица.
Иранската Револуционерна гарда, елитната воена сила на Исламската Република, потоа преку државната новинска агенција Ирна соопшти дека извршила напади врз 85 цели во американски воени објекти, меѓу кои во зоната на Петтата американска флота кај Бахреин, како и врз воздухопловната база Али Ал-Салем во Кувајт. Наводно бил соборен и еден непријателски дрон.
Бахреин и Кувајт, како и други земји од Персискиот Залив, и претходно повеќепати биле цел на ирански напади. Сите тие се домаќини на американски воени бази што се наоѓаат на само неколку стотици километри од Иран.
DW




