Сиљановска-Давкова: Не очекуваме регионалните проблеми да се одразат врз македонската безбедносна состојба

Безбедносната состојба е стабилна и под контрола, изјави претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова по состанокот на Советот за безбедност во Вила Водно кој траеше повеќе од два и пол часа.

Како што рече на прес-конференција, теми на разговор биле три прашања – безбедносната состојба во регионот, Европа и светот, пожарите во Северна Македонија и регионот и за евроинтегративниот процес на државата.

„Од воведните излагања и од средбата заклучокот беше дека, сепак, регионалната безбедност е стабилна и под контрола и во земјава и не се очекуваат некакви безбедносни проблеми и дилеми. Главно се говореше за состојбата во регионот, она што се случува во Босна и Херцеговина, каде што често слушаме сецесионистичка реторика, институционалната криза во Косово поради неможност да се конститурираат органите, како и во соседна Србија каде има низа сериозни проблеми. Но, од аргументите, од податоците што ги имаме, заклучокот е дека, сепак, и покрај овие проблеми и предизвици не се очекува тие да се одразат врз македонската безбедносна состојба, истакна Сиљановска-Давкова.

Во однос на состојбата на Блискиот Исток, посочи дека кај сите присутни на состанокот биле „неподелени ставовите за потреба од мир“. Рече дека за тоа немаме сигурни гаранции зашто „преговорите се во тек па се прекинуваат“.

„Честопати велам очекував поангажирана и поактивна Организација на Обединетите нации која, за жал, е маргинализирана“, рече претседателката.

За пожарите низ земјава посочи дека се под контрола во моментов и дека не се должат само на високите температури туку има „основано сомнеиние дека се намерно предизвикани“.

„Останува дилемата дека се намерно подметнати, но не можам да зборувам за тоа додека нема докази и додека имаме предистражна постапка“, изјави Сиљановска-Давкова.

 

 

 

slobodnaevropa.mk