Скандалот со Џефри Епстин добива европска димензија – од Велика Британија и Норвешка до Франција и балтичките држави

Велика Британија и Норвешка, Франција и балтичките држави: Скандалот околу американскиот сексуален престапник Џефри Епстин се шири и во европските земји. И никој не знае какви сознанија уште ќе произлезат од обемната документација на американското правосудство.

Германската влада внимателно го следи анализирањето на т.н. „Епстин-документи“. „Тие, секако, имаат политичка компонента, и затоа внимателно се набљудуваат“, изјави портпаролот на владата Штефан Корнелиус на прес-конференција во Берлин. „Гледаме што излегува на виделина во други земји, односно какви политички последици има таму.“ Владата ја следи дебатата и расправата што се води.

Јасно е, и Корнелиус тоа и го нагласи – доколку од документите произлезат аспекти што се релевантни за германското кривично право, за тоа се надлежни истражните органи, а не сојузната влада. „Сојузната влада не е истражен орган.“ Кривични постапки, рече портпаролот, „во моментов не ми се познати“.

„Значителен потенцијал за уцена“
Пратениците во Бундестагот кои се запознаени со безбедносни прашања во својата проценка одат уште подалеку. „Во несогледливите махинации на Епстин очигледно биле вмешани високорангирани носители на одлуки од општеството, економијата и политиката“, изјави претседателот на Парламентарната контролна комисија (ПКГр), пратеникот од ЦДУ, Марк Хенрихман, за „Ханделсблат“. Со тоа откритијата нудат „значителен потенцијал за компромитација и уцена“. Треба да се испита дали поради тоа можеби биле донесени одлуки „на штета на безбедноста на Германија и Европа“.

Членовите на ПКГр треба да ги контролираат разузнавачката служба БНД, Воената служба за контраразузнавање (МАД) и Сојузната служба за заштита на уставниот поредок (БфВ). Затоа сојузната влада е обврзана да го информира телото за настани од особено значење. Бундестагот, според Хенрихман, ќе им ги постави „неопходните прашања на надлежните безбедносни служби“.

Кралски семејства и европски политички врски во фокусот
Во моментов медиумското внимание во Германија се фокусира на спомнувањето конкретни имиња во досиејата на Епстин или на нивното појавување на фотографии. Британското и норвешкото кралско семејство се во центарот на извештаите и признаваат врски на поединечни членови.

Но, според мислењето на германските политичари, систематската анализа на обемната документација треба да оди подалеку од наводните контакти на поединечни лица. Станува збор за прашањето дали преку мрежата и врските на Епстин било вршено политичко или економско влијание.

Претходникот на Хенрихман на функцијата претседател на ПКГр, политичарот од Зелените, Константин фон Ноц, инсистира на брза реакција. Сојузната влада мора да даде информации до кој степен германските разузнавачки служби и другите безбедносни органи имале сознанија за делата на Епстин и за заднината на „експлоататорските, криминални или педокриминални мрежи“, како и за нивните меѓународни врски, изјави заменик-претседателот на пратеничката група на Зелените во Бундестагот.

 

 

DW