Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, изјави дека Владата не размислува за забрана на социјалните медиуми за деца и млади, оценувајќи дека таков потег би бил премногу радикален и би можел да значи мешање во основните слободи.
„Премногу е радикално кога државата се одлучува на чекор да забрани некоја алатка, бидејќи доколку би тргнале да се движиме во таа насока, тогаш можеме да стигнеме и до нарушување на правото на слободен избор и на слободен говор“, изјави Андоновски одговарајќи на новинарско прашање, откако повеќе држави низ светот почнаа да ја воведуваат или разгледуваат оваа мерка.
Сепак, тој додаде дека Владата и Министерството остануваат отворени за дискусија доколку се појави иницијатива за уредување на ова прашање.
Андоновски нагласи дека ова е втора година по ред како Министерството го одбележува Денот на побезбеден интернет, со цел подигање на свеста кај најмладите за одговорно и безбедно користење на интернетот. Преку проектот, досега се опфатени над 70 училишта низ државата, а на родителите и наставниците им се доставени алатки и упатства преку Министерството за образование за тоа како да воспостават поголема контрола и заштита врз децата во дигиталниот простор.
skopjeinfo.mk




