Стартува системот „Сејф сити“ во рамки на проектот „Безбеден град, безбедна држава“

Од денеска стартува системот „Сејф сити“ во рамки на проектот „Безбеден град, безбедна држава“. Камерите автоматски ќе регистрираат сообраќајни прекршоци, а до Нова година ќе трае пробниот период – возачите ќе добиваат само предупредувања, без казни. Од јануари санкциите ќе бидат целосно активни.

Прекршоците што ќе се следат во почетната фаза се: пречекорување брзина, минување на црвено, истечена сообраќајна дозвола и непрописно паркирање. Сопствениците на возила ќе добиваат СМС и е-пошта со записник и платен налог. Во првите осум дена казната може да се плати на половина, а по истекот – целосно. Плаќањата ќе бидат можно и електронски.

Камерите ќе бидат поставени во Скопје, Тетово, Куманово, како и на автопатите и експресните патишта на коридорите 8 и 10. До средината на следната година системот треба да ја покрие целата држава. Целта е поуреден и побезбеден сообраќај, особено на проблематичните локации како пешачки премини и тротоари, каде честопати се случуваат фатални несреќи.

Првите резултати ќе бидат видливи веќе во наредните недели, кога системот ќе почне да снима и предупредува, а од Нова година и да казнува.

 

 

 

skopjeinfo.mk