Џиновски бранови повлекоа десетици луѓе во морето на Тенерифе, вклучувајќи многу туристи, при што загинаа најмалку три лица а се 15 повредени, објавија регионалните власти на шпанскиот остров, јави агенцијата ДПА.
Една од жртвите била веројатно 79-годишна Холанѓанка, според медиумски извештаи. Властите ја потврдија нејзината националност, но нејзината точна возраст сè уште не е потврдена. Таа доживеала срцев удар и починала и покрај обидите на болничарите да ја реанимираат.
Други девет лица, вклучувајќи тројца француски туристи, беа однесени во болница со различни повреди, од кои некои се пријавени како сериозни.
Втор смртен случај е пријавен во Чарко дел Виенто, околу 15 километри западно од Пуерто Ла Круз. 43-годишен Шпанец паднал во морето додека ловел риба. Тој бил брзо спасен со хеликоптер, но болничарите можеле само да ја констатираат неговата смрт, според весникот „Ел Диа“. Властите веруваат дека веројатно бил удрен од џиновски бран, иако немало очевидци.
Во меѓувреме, шест француски туристи исто така биле однесени во морето од џиновски бран во село на североисточниот брег на островот, но се здобиле само со умерени повреди.
Претходно, тело на маж беше извлечено од водата покрај плажата Ел Медано на јужниот брег.
slobodnaevropa.mk




