250 години американско влијание врз светот

Соединетите Американски Држави прогласија независност од Велика Британија на 4 јули 1776 година. Оттогаш до денес, односите на оваа држава со остатокот од светот значително се менувале, а со тоа се трансформирал и нејзиниот меѓународен углед.

„Животот, слободата и потрагата по среќа“ беа прогласени за „неотуѓиви права“ во Декларацијата за независност со која основачите на Соединетите Американски Држави ја прогласија независноста од Велика Британија. Во текот на изминатите 250 години, американските влади тврдеа дека заштитата на овие демократски идеали, човековите права и основните слободи претставува главна движечка сила на надворешната политика на земјата.

Сепак, сè повеќе Американци се сомневаат дека САД останале доследни на вредностите врз кои биле основани. Во истражување спроведено во 2024 година, дури 72 проценти од испитаниците се согласиле со тврдењето дека „демократијата во САД некогаш беше добар пример, но во последните години тоа повеќе не е случај“.

Анализата на Дојче Веле покажува како во текот на два и пол века се менувале целите и методите на американската надворешна политика, при што владите на САД сè почесто ги остварувале своите цели преку воена силанаместо преку дипломатија.

Воената моќ на САД ја потисна дипломатијата
Политиколозите Моника Дафи Тофт и Сидита Куши регистрирале повеќе од 500 американски воени интервенции во последните 250 години, што укажува на растечката зависност на САД од воена сила.

„Во минатото САД на многу свои ривали им припишуваше рационалност, но по 11 септември 2001 година се чинеше дека тоа уверување исчезна“, изјави Куши, доцент на колеџот „Маунт Холиок“.

Според неа, тогаш се појавила логиката дека доколку со противниците не може да се разговара и дипломатијата не дава резултати, единствената преостаната алатка е употребата на сила.

„Со значително зголемениот буџет на Министерството за одбрана и истовременото намалување на средствата за Стејт департментот по 11 септември, се случи следново: ако единствената алатка што ја имате е чекан, секој проблем изгледа како шајка“, рече Куши.

Додека Латинска Америка од почетокот на 19 век претставувала најчеста сцена на американски интервенции, во последните децении земјите во Азија, вклучувајќи го и Блискиот Исток, станале сè поважни цели на американските воени операции.

„Нашите податоци јасно покажуваат пресврт на американските интервенции кон Блискиот Исток, Северна Африка и Субсахарска Африка“, истакна Куши.

Таа оценува дека овој тренд во голема мера е последица на глобалната војна против тероризмот по нападите од 11 септември, но и на способноста на САД како единствена светска суперсила по Студената војна да ја проектира својата моќ на глобално ниво.

 

 

 

DW