Потпретседателката на Аргентина осудена на 6 години затвор поради корупција

Поранешната претседателка и актуелна потпретседателка на Аргентина, Кристина Елизабет Фернандез де Киршнер, рече дека по прогласувањето за виновна во случајот за корупција за кој беше обвинета, осудена е од страна на „паралелната државна и судската мафија“, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Киршнер, која во случајот за корупција е осудена на 6 години затвор и трајна забрана за извршување јавна функција, ги отфрли обвиненијата против неа во директен пренос на нејзините профили на социјалните мрежи.

Во врска со казната што ѝ е досудена, Киршнер рече: „Економската и медиумската моќ контролира и попречува еден вид паралелна држава. Ова е систем што го дисциплинира аргентинското политичко раководство. Не зборувам за оние кои мислат како нив, туку за оние кои нè сакаат, перонисти [аргентинско политичко движење, засновано на политичката идеологија и наследството на поранешниот претседател Хуан Доминго Перон и неговата втора сопруга Ева Перон, која се базира по концептот на социјална правда], кои се лојални на правата на граѓаните.“

Истакнувајќи дека всушност казната не е затвор, Киршнер продолжи со зборовите: „Ме осудија затоа што не им се допаднав како економски модел. Всушност, пресудата што ми ја доделија е дека трајно ми е забрането да извршувам јавна функција.“

Киршнер во директен пренос на социјалните мрежи зборуваше и за тоа дали ќе биде кандидат на општите избори закажани за 2023 година, што е на дневен ред веќе извесен период.

Обраќајќи му се на менаџерот на медиумска организација која често ја таргетира, Киршнер го рече следното: „На 10 октомври 2023 година, нема да имам привилегирани права (дотогаш не е можно нејзино приведување поради извршување државна должност), па ќе можете да им наредите на вашите слуги во Врховниот суд да ме стават во затвор. Нема да се кандидирам ниту за претседател, ниту за сенатор, нема да бидам кандидат на кој било начин, моето име нема да се најде на ниту едно гласачко ливче.“

Осврнувајќи се на обидот за атентат на 1 септември, Киршнер истакна: „Тие сакаат да ме видат мртва или во затвор.“

Потпретседателката во своето обраќање на социјалните мрежи, потсетувајќи за пораките што протекоа во медиумите дека опозиционерите во државната служба, судии, бизнисмените и новинарите со спротивни гледишта, тајно се состанувале на југот на Аргентина, зборуваше за врските меѓу овие луѓе и за семејните врски меѓу нив, истакнувајќи дека овие лица претходно често ѝ „објавувале војна“.

Стоејќи зад ставот дека судството и медиумите дејствуваат заедно во нејзината земја, Киршнер посочи: „Аргентинското судство дејствува во координација со големите медиумски корпорации. Тоа е системот што ме осуди и не ги толерира оние кои нема да го направат она што ќе им се каже.“

Кристина Киршнер, една од моќните политички фигури во Аргентина, ја презеде функцијата од нејзиниот сопруг Нестор Киршнер, кој беше претседател на земјата во периодот 2003 – 2007 година и почина во 2010 година. Кристина Киршнер беше претседателка на Аргентина до 2015 година, а на изборите во 2019 година се кандидира како потпретседател.

иззвор: Агенција Анадолија (АА).

фото: Агенција Анадолија (АА).