Грција го блокираше одбранбениот пакт на ЕУ со Тирана

Грција ја предложи Северна Македонија како најпогодна земја за склучување договор за одбрана и безбедност со ЕУ, но ја блокираше Албанија. Атина го попречи патот на Договорот за одбрана и безбедност меѓу ЕУ и Тирана поради „непопустливиот став на албанската влада во врска со затворањето на градоначалникот на Химар, етнички Грк, Фреди Белери“, објави dw.com.

Соработка во одбраната
ЕУ е во процес на забрзување на процедурите за потпишување договори со трети земји надвор од Унијата со цел подобра соработка во одбраната. Пред неколку дена во Брисел се одржа состанок на техничко ниво, чија главна цел беше да се склучат низа договори за одбрана и безбедност со земји во и надвор од Европа, а тоа се Канада, Јапонија, Гана, Молдавија, Норвешка и Јужна Кореја.

Како што наведува грчкиот весник „Екатимерини“, Грците ја предложиле Северна Македонија како најпогодна земја за склучување договор за одбрана и безбедност со ЕУ, бидејќи покажала подобри перформанси на полето на владеењето на правото, додека стандардизацијата на вооружените сили по западните стандарди (преку учеството во НАТО) продолжила со исклучително брзо темпо.

Грчкиот предлог не беше прифатен, но ниту случајот со Албанија не се придвижи нанапред, и покрај многу силната поддршка од Италијанците, кои се и најблискиот партнер на Тирана во ЕУ, што редовно е извор на незадоволство меѓу Рим и Атина.

„Случајот Белери“
Грција се спротивставила во однос на Албанија, инсистирајќи дека како земја што сака да се приклучи на ЕУ мора да го почитува европското законодавство, кое вклучува почитување на владеењето на правото како основен елемент.

Во врска со случајот Белери, по неуспехот на албанскиот премиер Еди Рама да го реши проблемот, грчките медиуми наведуваат дека ќе се чека до 25 јануари, кога треба да продолжи судењето на избраниот градоначалник на Химара.

„Зад сцената, пак, контактите продолжуваат, секогаш со услов Белери да положи заклетва на функцијата. Белери беше уапсен минатиот мај под обвинение за купување гласови во пресрет на општинските избори, на кои победи“, пишува Екатимерини.

Текстот во целост на: dw.com