Претседателот на Црна Гора Милатовиќ поднесе оставка од сите функции во движењето „Европа сега“

Заменик-претседателот на движењето „Европа сега“ и актуелен претседател на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, поднесе оставка од сите функции во партијата, известува Анадолу.

„При формирањето на движењето „Европа сега“, им ветивме на граѓаните транспарентност во работата, рационален и аргументиран дијалог за политиките кои се инклузивни и одржливи. Во исто време, ветивме дека компетентноста и личниот интегритет ќе бидат одлучувачки фактори за вработување и напредување. Исто така, ветивме поинаква политичка култура заснована на почитување на различностите и афирмација на европските вредности. Досегашниот начин на работа е спротивен на ветувањата и вредностите што ги имав предвид при создавањето на движењето. Од таа причина поднесувам оставка од сите функции во движењето“, објави Милатовиќ на социјалната мрежа Х.

Тој додаде дека движењето „Европа сега“ е и ќе остане важен дел од него.

„Бидејќи заедно ја испишавме историјата на демократските промени во државата. Како и досега, исклучиво водејќи се од интересите на граѓаните, како претседател на Црна Гора, сите мои капацитети ќе ги насочам кон остварување на клучните државни приоритети“, посочи Милатовиќ.

Извор:Анадолу.
фото:Анадолу.