Албанија на прво место во Европа по раст на туризмот, втора во светот по Катар

Светската туристичка организација на Обединетите нации го објави туристичкиот барометар за периодот јануари-јули 2024 година, во кој се потврдува дека Албанија е на прво место во Европа по зголемување на бројот на странски туристи, во однос на периодот пред пандемијата и на второ место во светот по Катар.

Премиерот Еди Рама во објава на социјалните мрежи наведува дека „уште една меѓународна потврда за оваа туристичка година штотуку доаѓа од Барометарот на Светската туристичка организација, каде Албанија води во европската класификација за најголем пораст на странски посетители и е на второто место во светот, по Катар“, додека „златен медал ни се доделува и по приходи од туризам, со најголем раст во однос на периодот пред пандемијата“.

„Вкупниот број од 9,7 милиони странски посетители од јануари до септември 2024 година и широкиот спектар на растечки туристички пазари се постојани, но сигурни показатели дека Албанија ќе продолжи да ги полни ѕидовите со такви сертификати за меѓународни успеси, кои се претвораат во повеќе приходи за бизнисите, вработување за семејствата и позитивен меѓународен имиџ за нашата Албанија, кој не можеше ни да се замисли пред неколку години,“ напиша Рама.

Според него друга новина во туристичкиот барометар објавен од UN Tourism е тоа што за првпат се препознава зголемувањето на приходите од меѓународниот туризам.

Според барометарот за периодот јануари-јули 2024 година, Албанија е на прво место по приходи од туризам, со над 128 отсто раст во однос на периодот пред пандемијата.

Ова не е првпат UN Tourism, како најголема светска туристичка организација, да ги „потврдува“ достигнувањата на туристичката индустрија во Албанија, бидејќи за 2023 година Албанија беше рангирана на четвртото место во светот.

Во април, Светската туристичка организација за првпат одржа настан на високо ниво во Тирана, како што е состанокот на Комисијата за Европа, каде што беше претставена и публикацијата „Да се ​​прави бизнис во туризмот – инвестирање во Албанија“, заедничка публикација на UN Tourism и Министерството за туризам и животна средина.

 

vesnik-ilinden.com