Шест лица загинаа во експлозија и пожар во ресторан во Чешка, а уште осум лица со повреди се пренесени во болница, соопшти противпожарната служба. Според првичните изјави на сведоците, гасна греалка паднала и нејзината боца со пропан гас се запалила и експлодирала.
Несреќата се случила во ресторан во центарот на индустрискиот град Мост.
Според службите за итни случаи, пламенот невообичаено брзо се проширил.
Околу 30 луѓе успеале да побегнат на сигурно од ресторанот и соседните згради.
Според тамошните медиуми пламените јазици биле високи од два до три метри, што се гледа и од ознаките на соседните згради, а градежниот инженер ќе испита дали е потребно да се урне објектот.
Полицијата отвори истрага поради сомнение за загрозување на животот и здравјето на луѓето.