Премиерот Христијан Мицкоски вели дека екстрадицијата на Никола Груевски е невозможна без одземање на азилот

Екстрадиција на поранешниот премиер Никола Груевскиможе да се побара дури откако ќе му биде одземено правото на азил во Унгарија. Ова го порача премиерот Христијан Мицкоски,по зачестените критики од опозицијата дека Владата намерно ја одолговлекува постапката за враќање на Груевски во земјава.

„Екстрадиција за поранешниот премиер Никола Груевски земјава може да се бара доколку во Унгарија, каде што има добиено политички азил, тој му биде одземен. Во спротивно, одговорот на таквото барање за екстрадиција ќе биде негативен“, изјави Мицкоски.

Политичките промени во Унгарија и екстрадицијата
Идниот унгарски премиер Петер Маѓар деновиве најави дека Унгарија ќе престане да биде засолниште за политичари бегалци. Тој посочи дека станува збор за Никола Груевски, но и за полските политичари Збигњев Зиобро и Марчин Романовски.

Мицкоски вели дека не треба да се прават споредби со случајот на двајцата поранешни членови на полската влада, кои се наоѓаат во Унгарија и за кои веќе е поднесено барање за екстрадиција.

„Поранешните членови на полската влада немаат азил. Во нашиот случај, поранешниот премиер има азил. За да се испрати барање за екстрадиција, прво треба да се спроведе процедура за одземање на азилот. Ако сега испратиме барање, ќе добиеме негативен одговор. Може утре да го испратиме, нема проблем. Дајте малку суштински да ги гледаме работите, а опозицијата нека го побара Васко Ковачевски да дојде“, рече Мицкоски.

 

 

DW