Поглаварот на Римокатоличката црква и Ватикан, папата Франциск, соопшти дека е откажана неговата средба со рускиот патријарх Кирил, која беше планирана за јуни оваа година во Ал Кудс (Ерусалим), јавува Агенција Анадолија (АА).
Папата Франциск и патријархот Кирил првпат се состанаа во 2016 година на Куба и тоа беше воедно и првата средба на папата и водачот на Руската православна црква од расколот меѓу Источната и Западната црква во 1054 година. Тие двајца разговарале и преку видеоконференција на 16 март годинава, а тема била ситуацијата во воена Украина.
Нивната втора средба беше најавена за 14 јуни кога папата Франциск планираше и посета на Јордан.
„Жал ми е што оваа средба мораше да биде откажана. Дипломатите од Ватикан нѐ советуваа да го сториме тоа бидејќи таквата средба во овој момент може да предизвика многу нејаснотии“, рече папата Франциск во изјава за аргентинскиот весник „Ла Насион“.
Папата Франциск во неколку наврати ја критикуваше војната, но тој е на удар бидејќи директно не ги критикуваше Русија и нејзиниот претседател Владимир Путин поради војната во Украина. На тие критики тој одговори дека ниту еден папа досега не критикувал на таков начин.
На прашањето дали ќе го посети Киев, папата Франциск рече дека таквата посета сега нема смисла бидејќи војната ќе продолжи и по тоа.
Веста за откажување на планираната средба меѓу патријархот Кирил и папата Франциск ја потврди и Руската православна црква и изјави дека причина за тоа е војната во Украина.
„Ќе чекаме подобро време за таа средба. Настаните во изминатите два месеци нѐ принудија да ја одложиме планираната средба. Сега би имало многу проблеми при организирањето на тој настан. Тоа се однесува на безбедносните, логистичките и содржинските аспекти на средбата“, се вели во соопштението на Руската православна црква.
извор: Агенција Анадолија (АА).