Трансатлантските односи значително се влошија откако Доналд Трамп ја презеде функцијата. Објавувањето на Националната стратегија за безбедност (НСБ) на 4 декември за многу европски политичари изгледаше како отворена провокација. Во стратегискиот документ, кој секоја американска администрација мора да го достави до Конгресот, администрацијата на Трамп ја опишува Европа како континент во пропаѓање. Буквално се зборува за „цензура“ на слободното изразување во Европа, „потиснување на политичката опозиција“ и веројатно „уништување на цивилизацијата“ поради актуелната миграциска политика.
Сега, пак, протече досега необјавен нацрт на НСБ, кој е уште поконтроверзен – и дава повеќе детали за тоа како САД планираат да делуваат во Европа во иднина. Според нацртот, треба да се интензивира соработката на САД со Италија, Австрија, Полска и Унгарија „со цел да се одвојат (од Европската Унија)“, како што пренесува американскиот портал „Defense One“, кој тврди дека го видел документот. Белата куќа го негираше постоењето на таков нацрт.
Сепак, се поставува прашањето: Дали САД навистина се обидуваат да ја поделат Европската Унија? И зошто токму овие четири земји?
Унгарија, Австрија, Полска, Италија
Најмалку изненадува присуството на Унгарија на списокот. Премиерот Виктор Орбан и претседателот Доналд Трамп се сметаат за блиски сојузници. Орбан го поддржа Трамп уште за време на претседателската кампања во 2016 година – тогаш како единствен актуелен премиер од ЕУ. Двајцата знаат што добиваат еден од друг. Орбан постојано ја дестабилизира ЕУ и ја слабее институцијата кон која Трамп има голема недоверба.
Исто така, Трамп отворено ја фали премиерката на Италија, Џорџа Мелони, и нејзината постфашистичка партија Браќата на Италија (Fratelli d’Italia). Сепак, аналитичарот Даниел Хегедиш од Германскиот маршалов фонд (German Marshall Fund) смета дека американската влада погрешно верува дека Мелони би се свртела против ЕУ. Иако има идеолошка блискост со Орбан, таа денес е прагматична и разбира колку стабилна ЕУ е важна за Италија.
Полска и Австрија моментално немаат десничарски влади, но до неодамна таму владееја евроскептични партии кои и понатаму имаат силно влијание. Во Австрија, ФПО (FPÖ) беше најсилна партија на последните избори и води во анкетите. Во Полска, кандидатот на десно-конзервативната партија ПиС (PiS), Карол Навроцки, ја доби претседателската функција летоска. Се претпоставува дека администрацијата на Трамп очекува нови можности за влијание во овие земји.
DW




