И по осум години од истекот на рокот за електраните во Западен Балкан да ги исполнат стандардите со кои ќе се спречи загадувањето на воздухот, обврските постојат на хартија, но реалноста е поинаква. Загадувањето останува и понатаму високо, а во одредени делови и се зголемува. Според најновиот извештај на Бенквоч – „Усогласување или затворање“, емисиите на сулфур диоксид (SO₂) се значително над дозволеното, додека загадувањето со прашина драматично расте.
итола како главна точка на загадување во Македонија
Најголемата загриженост во Северна Македонија е поврзана со РЕК Битола, кој во 2025 година станува најголем извор на прашина во регионот.
Емисиите на прашина драматично се зголемиле (повеќе од двојно) и ги надминале дозволените вредности за цел регион. Само блоковите Битола 1 и 2 испуштиле 5.276 тони прашина, а со блокот 3 вкупната бројка достигнува 7.675 тони — повеќе од дозволениот праг за сите четири земји заедно.
Дополнително емисиите на сулфур диоксид (SO₂) во С. Македонија се 9 пати над дозволеното, а блокот Битола 3 достигнува 16,3 пати над лимитот. Според извештајот, иако С. Македонија инвестира во соларна енергија, паралелно се планира нов рудник („Живојно“), ТЕ Осломеј уште не е затворена и нема јасен план за напуштање на јагленот.
Што покажува извештајот за загадувањето во регионот
Во 2025 година, емисиите на SO₂ во земјите опфатени со Националниот план за намалување на емисии (НЕРП) – Босна и Херцеговина, Србија, Косово и С. Македонија биле 6,6 пати над дозволените вредности, што е најголемо отстапување од 2018 година.
Босна и Херцеговина повторно е најголем загадувач, со 12,7 пати повисоки емисии од дозволеното, додека Србија достигнува 5,1 пати над лимитите. Паралелно со тоа емисиите на азотни оксиди (NOX) се 1,4 пати над дозволеното, а Косово бележи најголеми отстапувања (2,7 пати над лимитите).
Според платформата Ај Кју Ер (IQAir), С. Македонија е на 34 место од 143 земји по загадување, а концентрацијата на PM2.5 е 4,2 пати над препораките на СЗО. Најзагадени градови лани биле Струмица и Скопје, а најчист воздух имало во Лазарополе.
DW




