ЦГК: Евакуациските летови на МНР биле плаќани однапред

Летовите за евакуација на граѓаните од Блискиот Исток во вредност од еден милион евра биле плаќани однапред, над законскиот лимит. Ова го утврдило истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), кој анализирал три конкретни случаи на „потенцијално незаконски спроведени тендерски постапки, во кои грижата за јавните пари не била примарна“. Меѓу нив е и тендерот на МНР за закуп на авиони.

Евакуациски летови и прекршување на законите
Клучните наоди од истражувањето се дека евакуациските летови од Дубаи и Ријад во март 2026 година се платени авансно, што е спротивно на Законот за јавните набавки, кој предвидува дека максималниот износ на авансот може да изнесува до 20 % од вредноста на договорот.

„Авансните плаќања не биле обезбедени со банкарска гаранција како што предвидува Законот и не биле однапред предвидени во тендерската документација“, наведуваат од ЦГК.

За евакуациските летови биле спроведени еден неуспешен и еден успешен тендер, по што бил склучен договорот за закуп на авиони. Тендерите биле спроведени во рамките на Законот за јавните набавки, кој за итни ситуации дозволува директно контактирање фирми. Но, документите откриваат низа одлуки кои, земени заедно, наводно ја оневозможиле реалната конкуренција.

Тендер со една понуда
„Првиот тендер, во кој понуди биле побарани од 9 фирми, е поништен. Во втората постапка, барањето за доставување понуда било испратено само до една фирма — Авиалог Скопје, за која МНР тврди дека дознала дека е претставник на Флај Дубаи (FlyDubai). Како доказ за поврзаноста меѓу Авиалог и Флај Дубаи, МНР доставило картичка за ангажман во Флај Дубаи која му припаѓа на физичко лице — основачот на Авиалог, но која не докажува деловна или правна поврзаност меѓу двете компании“, се наведува во истражувањето.

Според ЦГК, фирмата доставила понуда следниот ден, на 6 март, по што истиот ден следувале преговори, склучување договор, издавање фактура со датуми за првите два лета и плаќање на фактурата од страна на МНР.

„Додека трошоците за евакуација кај нас целосно беа покриени од државата, во најголем дел од земјите на Европската Унија превезените патници партиципираа во трошоците“, посочуваат од ЦГК.

Колку чинела евакуацијата по патник
Според извештајот, 590 патници биле превезени со четири лета – три од Дубаи до Скопје и еден од Ријад до Приштина. Произлегува дека цената на евакуација по патник од Дубаи изнесувала 1.548 евра, а од Ријад 1.960 евра, со вклучено ноќевање.

Од вкупно превезените 590 патници, 521 се македонски државјани, а 27 се странски државјани, чија евакуација била реализирана во соработка со амбасадите на соседните земји.

Пасоши и тајни договори
ЦГК направи анализа и на набавката на пасоши, лични карти и возачки дозволи, која покажува дека за пет години граѓаните платиле 73 милиони евра за лични документи врз основа на тендер стар 21 година и договори кои се „доверливи“.

Документите ги изработува фирма која победила на тендер пред 21 година. Според истражувањето, МВР не открива кога и под кои услови е продолжуван првичниот договор до денес.

 

DW