Германија се бори со сериозен недостиг од стручни кадри

Во една училница во Ченај, Индија, околу 20 медицински сестри учат германски јазик со интензивно темпо. Тие имаат само шест месеци да го совладаат јазикот за да можат да работат во Германија.

Рамалакши, една од нив, објаснува дека нејзиното семејство со тешкотии собрало илјадници евра за да ѝ го плати школувањето за медицинска сестра. Сега чувствува обврска да им возврати.

„Мојот сон е да работам во странство. Сакам финансиски да ја обезбедам семејството и да изградам сопствен дом“, изјави таа за ДВ.

Владата на јужноиндиската држава Тамил Наду го финансира курсот со цел да ја намали невработеноста и да им овозможи шанса на семејствата со пониски приходи на глобалниот пазар на труд. Приватни агенции потоа ги поврзуваат индиските медицински сестри со потенцијални германски работодавачи.

Германија има потреба од стотици илјади квалификувани работници
Поради тоа што генерацијата „бејби‑бумери“ во следните години заминува во пензија, а наталитетот останува низок, Германија очајно бара квалификуван кадар. Болниците немаат доволно медицински сестри, училиштата наставници, а ИТ‑секторот програмери.

Според економистите од Институтот за истражување на пазарот на трудот (ИАБ) во Нирнберг, Германија секоја година мора да привлече околу 300.000 квалификувани работници само за да го задржи сегашното ниво на економска активност.

Без ова, граѓаните би морале да работат подолго, да се пензионираат подоцна – или би станале посиромашни, предупредува истражувачот Михаел Оберфихтер.

 

 

 

DW