Израел и Хамас ја потпишаа првата фаза од мировниот договор за Газа

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Израел и Хамас постигнале договор за прекин на огнот во Појасот Газа и ослободување на заложниците како дел од неговиот план за ставање крај на двегодишната војна во палестинската енклава.

Само еден ден по втората годишнина од нападот на Хамас(која САД и ЕУ ја сметаат за терористичка организација)врз Израел, што го предизвика разорниот напад на Израел врз Газа, индиректните разговори во Египет доведоа до договор за почетната фаза од рамката од 20 точки на Трамп.

Доколку се спроведе, договорот ќе ги зближи двете страни повеќе од кој било претходен напор за запирање на војната што се разви во регионален конфликт, вовлекувајќи земји како Иран, Јемен и Либан во конфликт и преобликувајќи го Блискиот Исток.

„Многу сум горд што објавувам дека Израел и Хамас ја потпишаа првата фаза од нашиот мировен план“, напиша Трамп на „Truth Social“.

„Ова значи дека сите заложници ќе бидат ослободени многу наскоро, а Израел ќе ги повлече своите трупи на договорената линија како прв чекор кон силен, траен и вечен мир“, додаде американскиот претседател.

Во писмена изјава, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, зборувајќи за заложниците што ги држи Хамас, изјави:

„Со Божја помош, ќе ги вратиме сите дома“.

Нетанјаху рече дека во четврток ќе свика состанок на израелскиот кабинет за да ја одобри првата фаза од договорот за Газа.

„Одличен ден за Израел“, додаде Нетанјаху во соопштението.

Хамас, исто така, соопшти дека постигнал договор за прекин на војната во Појасот Газа, велејќи дека договорот вклучува повлекување на Израел од територијата, како и размена на заложници и затвореници.

Хамас ги повика Трамп и државите гаранти да се погрижат Израел целосно да го спроведе прекинот на огнот, се додава во соопштението.

 

 

 

 

слободнаевропа.мк