Ни еден ден по најавата на Иран дека повторно ќе го отвори Ормускиот Теснец за бродски сообраќај, Техеран се заканува со нова блокада на теснецот. Како причина, претседателот на иранскиот парламент, Мохамед Багер Галибаф, ја наведе поморската блокада од страна на САД. Таа е насочена против бродови што се упатуваат кон ирански пристаништа или ги напуштаат.
„Со продолжување на блокадата, Ормускиот Теснец нема да остане отворен“, предупреди Галибаф на платформата X и нагласи дека поминувањето низ оваа за глобалниот пазар на нафта и гас исклучително важна морска артерија се одвива по „рута утврдена од Иран“ и со „иранска дозвола“.
Претходно, и портпаролот на иранското министерство за надворешни работи, Исмаил Багаи, ја критикуваше американската поморска блокада како „прекршување на прекинот на огнот“, на што, според него, ќе следи „соодветен одговор од Иран“. Тој нагласи дека отворањето и затворањето на Ормускиот Теснец не се одвива на социјалните мрежи, туку дека Иран е „клучниот актер во ова прашање“.
Трамп: Следни преговори веројатно во текот на викендот
Сепак, американскиот претседател Доналд Трамп и понатаму цврсто се држи до поморската блокада на САД – барем додека преку преговори не се постигне договор со Иран. „Поморската блокада, што се однесува до Иран, останува целосно во сила сè додека нашата зделка со Иран не биде сто проценти завршена“, нагласи Трамп.
Трамп изрази оптимизам дека таков договор би можел да се постигне многу брзо. „Мислам дека ќе постигнеме договор во следните еден или два дена“, го цитираше новинскиот портал Аксиос. „Веројатно“ во текот на викендот ќе има дополнителни преговори меѓу претставници на САД и на Иран.
DW




