ВМРО-ДПМНЕ, заедно со пратеници од коалициите ВРЕДИ и ЗНАМ, поднесе резолуција за осуда на манипулациите на опозицијата и потврда на политиките против нелегалната миграција. Резолуцијата, составена од девет точки, има цел да стави крај на шпекулациите за прифаќање мигранти и изградба на кампови во државата, изјави Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
„Со оваа резолуција потврдуваме дека Владата и Собранието никогаш нема да дозволат преговори за мигранти. Граѓаните да бидат спокојни – ВМРО-ДПМНЕ се грижи за безбедноста на народот“, рече Мицевски. Документот е поднесен денес и се очекува утре да биде на дневен ред.
Во однос на резолуцијата на СДСМ, Мицевски истакна дека не веруваат во чесна намера и затоа поднесуваат сопствена резолуција со сите потребни елементи.
СДСМ со своја резолуција и обвинувања за „мигранти за пари“
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на прес-конференција обвини дека коалицијата ДПМНЕ-ЗНАМ договорила прием на мигранти од Велика Британија во замена за финансиски средства, што го нарече „национално предавство“.СДСМ ја повика власта да ја потпише нивната резолуција, која експлицитно забранува носење мигранти, обвинувајќи дека ДПМНЕ-ЗНАМ веќе една недела го одбегнува тоа.
„Со договорени мигранти за пари, ДПМНЕ ја предаде Македонија. Наместо да застанат со нас, поднесоа контрарезолуција“, рече Кузеска. Според СДСМ, контрарезолуцијата не содржи јасна забрана за прием на мигранти од Британија, туку користи термини како „економски работници“ или „нелегални мигранти“.
Кузеска предупреди дека државата е во тешка финансиска состојба, со дефицит од една милијарда евра, доцнење на исплати за социјална помош, плати и пензии, и обвини за „криминални шеми“ со тендери вредни 14,5 милиони евра.
СДСМ најави дека ќе продолжи борбата против, како што ги нарече, „предавничките и криминални политики на ДПМНЕ-ЗНАМ“.
DW




