Херојот од Сиднеј добро закрепнува

Донациите за Ахмед ал Ахмед, кој успеа да одземе пушка од еден од напаѓачите за време на нападот на плажата Бонди надминаа 1,1 милион австралиски долари (744.000 американски долари), додека тој закрепнува во болница по операцијата за прострелните рани.
Четириесет и тригодишниот Ахмед ал Ахмед, муслиман и татко на две деца, се сокрил зад паркирани автомобили пред да се нафрли од зад грб на еден од вооружените напаѓачи, да му ја одземе пушката и да го собори на земја.
Премиерот Ентони Албанезе изјави дека храброста на Ахмед спасила животи.
„Она што го видовме во последните 24 часа беше најлошото од човештвото во терористички напад. Но, исто така видовме пример за најдоброто од човештвото – Ахмед ал Ахмед трчајќи кон опасноста, ризикувајќи го сопствениот живот,“ изјави Албанезе за државната телевизија ЕјБиСи.
Тој бил двапати застрелан од вториот напаѓач, додаде Албанезе. Семејството на Ахмед изјави дека бил погоден во раката и во подлактицата.
Најмалку 15 луѓе загинаа во еден од најголемите терористички напади во историјата на Австралија, а повеќе од 40 беа повредени.