Охридската капетанија за Водици ослободена за потребите на МВР

Охрид подготвен за големиот христијански празник Богојавление Водици. На централната свеченост – осветувањето на Езерските води ќе присуствува и Премиерот Димитар Ковачески, за што се најавени специјални мерки за обезбедување. Дознаваме дека Капетанијата на пристаништата на Македонија ќе биде целосно ослободена и дадена на користење на МВР.

Инаку агендата предвидува Премиерот да присуствува на богослужба во црквата Света Богородица Каменско, а потоа да присуствува и на осветувањето на водите на Охридско Езеро и фрлањето на крстот на градоското пристаниште.

Во СВР Охрид вчера се одржал состанок со претставници на Петтата управа, на која биле изнесени детали околу тоа какви мерки за безбедност ќе се спроведуваат при посетата на Ковачески и неговиот престој во црквата и пристаништето. Какви мерки на безбедност се планира да се превземат граѓаните ќе видат утре.

Инаку Охрид е подготврн за одбележување на најмасовната црковно -културна манифестација посветена на празникот Богојавление- Водици. На вчерашниот  координативен состанок организацискиот одбор ги разгледа сите детали што се однесуваат на чествувањето.

Доколку дозволат временските услови Светиот крст во водите на Охридското Езеро ќе биде положен во 10:00 часот од колцето на градското пристаниште. Но доколку дува силен ветар како што најавуваат метеролозите положувањето на крстот ќе биде од бродот „АРМАДА“ кој заедно со бродот „Македонија“ ќе бидат закотвени на пристаниште. Останатите пловни објекти се веќе дислоцирани од тој простор. На 19-ти јануари (четврток), богослужбите во охридските парохиски цркви ќе започнат во 7 часот наутро. За црковниот дел на настанот е задолжена Дебарско – кичевската епархија при МПЦ , а позади целосната организација на граѓанскиот дел со пропратната програма застанува Општина Охрид.

Капачите кои сакаат да бидат дел од настанот, своето учество можат да го пријават во сите парохиски цркви во градов најдоцна до 18-ти јануари (среда) до доцните попладневни часови.

На 19-ти јануари паркирањето во Охрид ќе биде бесплатно но ќе биде забрането паркирање на возила на улицата „Македонски Просветители“ од WAIKIKI до плоштадот „Св. Климент Охридски“

По чинот на Богојавленскиот водосвет, со почеток во 12 часот на градскиот плоштад „Свети Климент Охридски“ предвидена е забавна програма за посетителите, со концерт на групата „Чалгија саунд систем“. Во организација на Црвен Крст истиот ден од 9 до 15 часот ќе се одржи традиционалната крводарителска акција во Центарот за култура „Григор Прличев.

По повод пазникот викендов охридските нуркачи го исчистија дното од Охридското Езеро на просторот каде ќе се спроведе положувањето на Светиот крст, а се спроведоа активности за уредување на пристаништето и крајбрежниот дел на Охридското Езеро.

Се очекува традиционалното фрлање на Светиот крст во водите на Охридското Езеро да го проследат илјадници верници.

Чествувањата и обичаите поврзани со Водици во Охрид, продолжуваат и на 20-ти јануари на Денот на рибарите и празникот Свети Јован Крстител. Уникатната манифестација со традиционалното капење на рибарите и годинава ќе се одржи на месноста „Сараиште“ и ќе биде надополнета со повеќе културни и забавни содржини.

извор: NEWS1.MK