Амбасадорот на Франција Бомгартнер во посета на општина Охрид

Градоначалникот Кирил Пецаков денеска оствари протоколарна средба со амбасадорот на Франција во Република Македонија, Сирил Бомгартнер кој беше во прва официјална посета на Општина Охрид.

Главна тема на средбата беше реализација на иницијативата за воспоставување на поголемо меѓунaродно партнерство помеѓу Општина Охрид и Општина Бонди од Париз.  Беше потенцирано дека оваа соработка ќе придонесе за продлабочување на пријателството помеѓу македонскиот и францускиот народ и ќе обезбеди нови можности за заеднички проекти, особено во насока на промоција на ликот и делото на светски познатиот научник  д-р Анастас Коцарев.

Амбасадорот и градоначалникот разговараа и за приоритетните инфраструктурни проекти на кои работи општината, со посебен акцент на проектите за заштита и зачувување на животната средина, Охридското Езеро и исполнување на препораките на УНЕСКО. Исто така, се разговараше и за конкретни активности во делот на образованието и интересот за изучување на францускиот јазик во основните и средните училишта во Охрид.