„Натамошната патека и реакцијата на монетарната политика кај нас ќе зависат од два клучни фактора ‒ инфлацијата и девизниот пазар“, посочува гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во интервју за „Блумберг Адрија“ и додава дека „додека кај инфлацијата сѐ уште постојат ризици, девизниот пазар е стабилизиран и поволен“. Таа истакна дека не треба да има дилема дека централните банки ќе ги преземат сите мерки што им стојат на располагање за постигнување среднорочна ценовна стабилност.
Гувернерката во интервјуто се осврна на реакциите на централните банки на тековната криза и рече дека нивните реакции зависат од структурните економски фактори, од монетарната стратегија и природата на инфлацијата. Како пример ги зеде ФЕД и ЕЦБ, коишто иако започнаа со затегнување на монетарната политика, имаше одредени разлики. Имено, ФЕД започна порано и реагира кај каматните стапки и ликвидноста, додека ЕЦБ подоцна реагира со каматната стапка, а сѐ уште нема започнато со намалување на ликвидноста. Еден од факторите е што економскиот циклус е различен во двете економии, односно во САД економијата закрепна многу побрзо и постојат притисоци врз побарувачката, а во ЕУ закрепнувањето се одвиваше побавно.
„Кај нас, имајќи предвид дека нашата монетарна стратегија е одржување стабилен девизен курс на денарот, има два клучни фактора што ја условуваат поставеноста на монетарната политика. Првиот фактор е инфлацијата и вториот фактор е девизниот пазар, односно нивото на девизни резерви коешто ни е клучно за одржување на стабилноста на курсот. Ние во овие две точки видовме првични притисоци уште при крајот на минатата година, кога дојде до израз енергетската криза, којашто направи притисоци на девизниот пазар и кај инфлацијата. Затоа уште минатата година започнавме со постепено затегнување на монетарната политика и притоа користевме широк спектар на инструменти. Започнавме со интервенции на девизниот пазар, а потоа продолживме со каматната стапка. Притоа не ја користевме само основната каматна стапка, реагиравме и кај каматната стапка на депозитите преку ноќ, седумдневните депозити, на кредитите преку ноќ и слично. Во четири наврати реагиравме и со задолжителната резерва“, вели гувернерката.
Гувернерката посочи дека девизниот пазар не само што е стабилен, туку е и поволен, а централната банка некаде до крајот на ноември откупува девизи на девизниот пазар со што значително се надомести загубата на девизните резерви од почетокот на годината кога ескалира кризата. Исто така, значајна поддршка на стабилноста на курсот и девизниот потенцијал е новиот аранжман со ММФ, којшто е 530 милиони евра. Гувернерката ја истакна и поставеноста на ЕЦБ како фактор којшто влијае врз нашата монетарна политика, имајќи ја предвид поврзаноста на денарот со еврото.
Во однос на различниот раст на инфлацијата кај различните земји, гувернерката ги посочи структурните фактори, но и видовите на мерките коишто ги преземаат носителите на политиките.
„Вкупната трговска отвореност кај нас е 140% од БДП, а во ЕУ околу 70%. Тоа значи дека ние имаме помалку домашни ресурси за да ги ублажиме тие надворешни шокови, со кои се соочуваме. Многу е важна и зависноста во сегментот на енергијата и енергетската интензивност. За да произведеме една единица БДП, ние трошиме во просек трипати повеќе енергија од ЕУ. Кај нас храната и енергијата во потрошувачката кошничка учествуваат над 50% до 55%, а во ЕУ е малку над 30%. Исто така, многу се важни мерките коишто се преземаат, во која мера тие се насочени за спречување на порастот на цените или се мерки коишто се поцелни. Да не го заборавиме и прашањето за степенот на конкуренција којшто постои во економијата којашто е многу значаен пазарен механизам за движењата на цените. Поради сите овие фактори, еден ист глобален шок се одразува со различен интензитет во различни економии“, вели Ангеловска-Бежоска.
извор: Народна банка