Свештеникот и поранешен ректор на Католичкиот богословски факултет во Риека, Милан Шпехар, призна дека извршил блудни дела врз 13 момчиња на возраст од 6 до 13 години, пренесува Анадолу.
„Никој не е виновен или соучесник во моите злосторства. Ги извршив и ужасно ми е жал за жртвите на моите зли дела. Немам друг избор освен да ги замолам од дното на душата да ми простат и тие и нивните најблиски, ако некако можат, за сите рани што им ги нанесов. Црквата ја молам да ми прости што не бев достоен за неа, нејзината доверба во мене и свештеничкиот повик“, изјави Шпехар за хрватскиот весник „Национал“ во писмен одговор.
Извор од весникот „Национал“ од свештеничките кругови детално опишал како Шпехар вознемирувал и теолози, секогаш имал двајца-тројца теолози кои ги чувал блиску до себе, ги повикувал на патувања и во неговиот стан во Трсат.
Шпехар рече дека е притиснат од товарот на јавноста и дека побарал од папата да го ослободи од свештеничката титула и да го сведе на лаички статус, што е преседан во Католичката црква во Хрватска бидејќи не се памети случај на свештеник кој јавно ги признал своите сексуални престапи.
Надбискупот од Риека, Мате Узиниќ, вчера изјави дека свештеникот М.Шп. (1953) е обвинет во 2016 година за сексуална злоупотреба на малолетник во 1992 година.
„Во моментот на поднесување на пријавата, обвинетиот предавал на Теологија во Риека. Отворена е прелиминарна истрага во која обвинетиот ја признал вината. Изречени му се мерки за забрана за вршење на овластувања кои произлегуваат од светиот ред, јавно држење на миса и разрешување од сите црковни служби вклучувајќи и предавање на факултет“, изјави надбискупот од Риека.
Години по тој случај, во 2018 година, се појавија нови обвиненија против него и повторно се отвора истрага.
Обвинетиот призна дека имало повеќе случаи во годинит 1987-1988, 1992-1993 и евентуално во 1994. Се работи за вкупно 13 момчиња на возраст од 6 до 13 години. Тогаш свештеникот М.Шп. лично се пријавил во полиција за развратни дејствија врз деца и малолетници. Тој побара од Светиот Отец прошка од целибатот и разрешување од свештенството, што му беше дадено на 13 декември 2018 година.
„Како надбискуп соработник кога ја презедов функцијата испратив барање до Апостолската нунцитура во врска со овој случај. Ми беше кажано дека М.Шп побарал и добил прошка од свештеничките должности и целибатот и дека случајот потоа бил архивиран“, рече надбискупот.
Тој за овој случај го информираше Жупаниското државно правобранителство во Риека, истакнувајќи дека квалификацијата на делото што ја признал обвинетиот М.Шп. за време на канонскиот процес, е посериозна од она што го навел во својата пријава на полицијата, дека не постоеле обвиненија за периодот од 1994 до 2018 година и дека тоа не било истражено во канонската истрага и дека поради тежината на злосторството, не може однапред да се исклучи можноста и за подоцна извршени казнени дела.
„Со отпуштањето од свештенството, М.Шп. повеќе не е под јурисдикција на Риеканската надбискупија. Како што знаеме, тој моментално живее во Италија во некој затворен бенедиктински манастир во молитва и покајание. Случајот е пријавен во жупаниското државно правобранителство во Риека, но немам информации за постапката во овој случај. За сè е информирана надлежната дикастерија“, рече Узиниќ.
извор: Анадолу.
фото: Анадолу.