Венеција следната година планира да воведе билет од пет евра за еднодневни патници

Венеција следната година планира да воведе билет од пет евра за еднодневни патници со цел да се обиде да управува со пристигнувањето на туристите, објави градскиот совет. Билетот ќе се воведува пробно 30 дена, а фокусот ќе биде главно на пролетните одмори и летните викенди, кога бројот на туристи е најголем. Билет ќе плаќаат сите посетители над 14 години.

„Целта беше да се најде нова рамнотежа меѓу правата на оние кои живеат, студираат или работат во Венеција и оние кои го посетуваат градот“,

рече советникот за туризам на градот, Симоне Вентурини.
Планот, првпат откриен во 2019 година, најпрво беше одложен поради ковид-19, а подоцна и поради технички и процедурални причини. Во меѓувреме, бројот на посетителите на Венеција се зголеми, бројот на странците често е поголем од бројот на жители во самиот центар на градот кој изнесува приближно 50 000.

Прекумерниот туризам долго време е проблем за кревкиот лагунски град. Експертите на УНЕСКО во јули препорачаа Венеција и нејзината лагуна да бидат додадени на листата на загрозено светско наследство и тврдат дека Италија не прави доволно за да го заштити градот од ефектите на климатските промени и масовниот туризам.

 

 

360stepeni.mk