ВМРО ДПМНЕ: За 8 години министер Спасовски – подземјето стана надземје, се пукаат по молови, ресторани и улици и досега настрадаа десетици лица

Оливер Спасовски од пред 8 години е на функцијата министер за внатрешни работи. Тој е најодговорен за мафијашките пресметки кои се случуваат среде бел ден, во центарот на Скопје, во трговски центри, пред очите на граѓаните. Тој е најодговорен за нарушената безбедност на граѓаните. Тој е најодговорен за тоа што царува криминалот и неказнивоста, објави ВМРО ДПМНЕ.

Во продолжение на истото се додава:

Престрелката од пред два дена во трговски центар во која има две тешко ранети лица, не е прва. Оваа престрелка е само една во низата мафијашки препукувања во кои досега настрадаа десетици лица. Се пукаа на улици, на паркинзи, во хотели, барови и каде ли уште не, и тоа цело време во мандатот на Оливер Спасовски.

Очигледно дека нарко картелите или се чувствуваат доволно заштитени од структури во власта за вака дрско да се однесуваат, или пак не ја есапат полицијата. И во едниот и во другиот случај Спасовски е директно одговорен, дотолку повеќе што ниеден случај не е расветлен и Спасовски постојано како папагал повторува дека истрагата трае, а всушност инцидентите се зачестуваат и стануваат поопасни.. Поради Спасовски подземјето стана надземје во Скопје и завладеа со улиците, трговските центри, угостителските објекти. Граѓаните не се повеќе безбедни. Животот на секој човек е загрозен. Оливер Спасовски да имаше доблест ќе си поднесеше оставка или пак Ковачевски ако беше вистински премиер ќе го разрешеше.

извор: ВМРО ДПМНЕ