Албанската опозиција се здружи во коалицијата „Европски сојуз за промени“

Коалицијата на Демократско движење, Движењето Беса и Алтернатива ќе го носи името „Европски сојуз за промени“.

Коалицијата на опозициски партии од албанскиот блок за врвен приоритет ќе ја има борбата против корупцијата, рече претседателот на Алтернатива, Африм Гаши на прес-конференција на 5 ноември. Тој беше придружуван од Изет Меџити претседател на Демократското движење и Биљал Касами, претседател на Беса.

Гаши посочи дека коалицијата го поддржува патот на Северна Македонија кон Европската унија. Тој потенцираше дека е крајно време е да се тргне формулација „јазикот кој го зборуваат 20 проценти од граѓаните“ и да се замени со албански јазик.

Меџити ја напушти владејачката ДУИ и формираше нова партија, а Гаши и Касами беа сопартијци во Беса, но потоа Гаши ја напушти партијата и ја основаше Алтернатива.

Биљал Касами вели дека желбата на Албанците за промена е толку голема што ги натера да ги заборават проблемите од минатото.

Изет Меџити, запрашан за тоај кој ќе ја предводи оваа коалиција, рече дека нема да има предводник, туку тие заедничка ќе ја водат албанската опозиција.

Здружената албанска опозиција ја повика и Алијансата на Албанците да соработуваат за претстојните парламентарни избори, што треба да се одржат следната година, но Алијансата најави дека самостојно ќе настапат на изборите. Алијанса на Албанците сега е дел од владејачката коалиција.

На следните парламентарни и претседателски избори здружената опозиција ќе има заеднички листи и заеднички албански кандидат за претседател.

извор: slobodnaevropa.mk