Бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи во оставка, Марија Габриел, им соопштила на тамошните пратеници дека во Генералниот конзулат на Бугарија во Битола биле констатирани „недозволиви прекршувања“ при доделувањето на бугарско државјанство.
Извештајот од увидот бил испратен до Инспекторатот на Министерството за правда на Бугарија.
Габриел негирала дека хигиеничарка во конзулатот вршела интервјуа на оние кои сакаат да добијат бугарско државјанство, но уверила дека ќе се бара одговорност од дипломатските претставници.
Од бугарското Министерство за правда во Генералниот конзулат во Битола, на комплетирање се вратени 2.719 досиеја, посочила бугарската вицепремиерка, пренесуваат бугарските медиуми.
Габриел одговарала на прашања на Ангел Георгиев, бугарски пратеник од партијата „Преродба“.
-По завршувањето на увидот изготвен е записник со проценка и анализа на сите собрани документи и информации. Извештајот беше одобрен и испратен до Инспекторатот на Министерството за правда. Со оглед на извештајот на Инспекторатот, наредив упатување до Дисциплинскиот совет на Министерството за надворешни работи. Очекувам што побрзо да се соберат и да ги спроведат сите препораки. Извештајот ќе биде испратен до Националното собрание. Во него има застрашувачки наоди во однос на правилата и прописите кои се основни за секој конзулат, истакнала идната бугарска премиерка.