„Мицкоски целосно ќе ја oбесмисли историската комисија со Бугарија”, гласи насловот на порталот Медиапул

Најавата на премиерот Христијан Мицкоски денеска дека во периодот што следува ќе има кадровски промени во Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија, наиде на медиумско внимание во Бугарија. Во фокусот е изјавата на премиерот дека таа не ги оправдала очекувањата и не била заштитник на националните интереси на македонскиот народ.

„Мицкоски целосно ќе ја oбесмисли историската комисија со Бугарија”, гласи насловот на порталот Медиапул.

„Мицкоски и неговата партија ВМРО-ДПМНЕ развија моќна антибугарска кампања, а сега ќе ја обесмисли и онака тешко работечката комисија (…) Во последните месеци таа сосем запре да се состанува, а пред тоа реализираше многу мал напредок. Работата ѝ остана тесно поврзано со политичката ситуација во двете земји“, пишува порталот.

Медиапул коментира дека „Мицкоски е на пат да ги блокира односите со Бугарија и европската интеграцикја на неговата земја, откако порано откажал да влезе во разговори со службената влада на Бугарија и изјавил дека ќе ја очекува редовната власт“.

„ВМРО-ДПМНЕ не ги поддржува и уставните промени со кои во Уставот на земјата треба да бидат впишани и Бугарите. Тоа е еден од условите во преговарачка рамка на Северна Македонија, за да започне реални преговори за членство во ЕУ“, посочува Медиапул.

БТВ ја пренесува изјавата на Ѓоргиев дека нема да коментира политички став, лично мислење искажано од политичар, но и дека на членовите наскоро им истекува мандатот.

„Тој прецизираше дека договорите им истекуваат на 15-ти септември и не знаат дали ќе бидат продолжени, а на 18-ти септември во Скопје има нов состанок на Комисијата за историски прашања, заедно со бугарските историчари. Во последните денови бугарскиот амбасадор во Скопје – Ангел Ангелов се сретна со премиерот и министерот за надворешни работи. Тој рече дека новата влада во Бугарија ќе биде подготвена за дијалог, но не и за нови преговори“, потсетува БТВ.

Ангелов пред истекот на неговиот мандат порача дека тоа што е договорено мора да почне и да се исполнува, а во тој контекст ја посочи и Комисијата.

„Ние географијата нема да ја менуваме и ќе останеме соседи. Ние треба да имаме интензивна комуникацијата, вклучувајќи ја и историската комисија,” рече Ангелов.

Реклама

 

DW