Вице Заев, братот на поранешниот премиер Зоран Заев, со својата фирма Тотал Инженеринг стана доминантен сопственик на двете акционерски друштва од Струмица – АД за производство на конфекција и облека Герас Цунев и АД за трговија, услуги и консалтинг Герас Цунев, објави Поглед.мк.
Тотал Инженеринг, според она што денес го објави Централен Депозитар, има 73,30 отсто од сопственоста во првото, а 73.25 отсто сопственост во второто друштво. Остатокот како удел кај двете фирми останува во сопственост на Трајче Заев, братучедот на Вице Заев.
Според новата сопственичка структура објавена на Централен депозитар, може да се заклучи дека Тотал Инженеринг ги купил уделите во двете акционерерски друштва што ги имаа Снежана Јанева (околу 21,65 отсто) и Јавор Транс (околу 23,3 отсто), транспортната компанија на таткото и синот Симеон и Горан Крстев.
Фирмата на Вице Заев, која до денес имаше удел помал од 25 отсто во двете друштва, во четвртокот испрати известување до Македонска берза дека има намера да ги преземе за 310 денари по акција двете фирми.Беше соопштено дека за тоа се чека дозвола од Комисијата за хартии од вредност.
На 18 октомври Македонска берза извести дека за околу 160 илјади евра се купени 48,26 отсто од акциите на Герас Цунев трговија АД Струмица и дека за истата сума од околу 160 илјади евра се преземаат 48,33 проценти од акциите на Герас Цунев конфекција АД Струмица.
Од крајот на септември Вице Заев е главен извршен директор во Управниот одбор на двете фирми и наедно директор на подружниците.
Извор: Поглед.мк