Озлогласениот полк „Азов“ и неговата улога во војната во Украина

Пристанишниот град Мариупол во јужниот дел на Украина е едно од најголемите боишта во руската војна против Украина. Таму војува и ослогласениот полк „Азов“. Што треба да се знае за него?

Кратко видео покажува екран во наводно украинско воено возило кое вози низ област, која наликува на село во близина на на градот Мариупол на Азовското море .Оклопни транспортери се паркирани на споредна улица со белата буква „З“ на нив, симбол на руските трупи во Украина. Потоа се слушаат тапи истрели и наводното руско возило се запалува.

На почетокот на неделава, украинскиот полк „Азов“ го сподели ова видео на својот канал на Телеграм. „Азов“ се состои од националисти и десничарски екстремисти. Во соопштението тие тврдат дека во еден ден уништиле вкупно три руски воени оклопни возила и четири тенкови и „многу пешадија“. Борците на „Азов“ набрзо потоа објавија и фотографија од починат маж во униформа. Се вели дека тој бил руски генерал, кого тие го убиле. Тешко е да се потврди дали оваа информација е точна.

Градот Мариупол го бранат главно националистите и десничарските екстремисти на полкот „Азов“. Заедно со главниот град Киев и вториот по големина град Харков, тоа е едно од местата во Украина каде Русија особено брутално ја води својата војна. Градот со 500.000 жители е под опсада од почетокот на март и е изложен на силно бомбардирање. Нема ниту струја ниту доволно вода, а резервите со храна се дефицитарни.

„Азов“ има и седиште во Мариупол. Полкот е дел од Националната гарда и затоа е подреден на украинското Министерство за внатрешни работи. Борците се сметаат за добро обучени, но единицата е исто така контроверзна бидејќи „Азов“ е основан од ултранационалисти. А нивното постоење Русија, меѓу другото, го користи и како изговор за војната против Украина.

Потсетување: „Азов“ е формиран во мај 2014 година како волонтерски баталјон во градот Бердјанск, за да ја поддржи украинската армија во борбата против проруските сепаратисти во источна Украина. Некои борци претходно играа улога во опозициските протести во Киев како дел од таканаречениот „Десен сектор“, мала, но активна група украински десничарски екстремисти. Јадрото на групата потекнуваше од источна Украина, говореше руски и првично се залагаше за единство на источнословенските народи: Русите, Белорусите и Украинците. Некои доаѓаа од фудбалската ултра сцена, други беа активни во маргиналните националистички кругови. „Тоа беа групи кои во Германија се опишуваат како слободни другарства“, вели во интервју за ДВ, Андреас Умланд, експерт во Стокхолмскиот центар за источноевропски студии.

„Азов“ , меѓутоа, беше контроверзен уште од самиот почеток поради грбот, Волфсангел. „Волфсангелот има радикална десничарска конотација, тоа е пагански симбол што го користеле и нацистичките СС-единици“, вели Умланд. „Во Украина, сепак, населението не го смета за фашистички симбол“.  Полкот „Азов“ сака овој симбол од нацистичката ера да се сфати како стилизирани букви Н и И, што треба да значи „национална идеја“.

Поделба на воен и политички дел

Основач и водач на „Азов“ беше Андриј Билецки, 42-годишен дипломец на факултетот по историја на Националниот универзитет во Харков, источна Украина. Со години тој  беше активен на десничарската екстремистичка сцена. Во летото 2014 година, „Азов“ беше вклучен со незначителни сили во повторното заземање на Мариупол од проруските сепаратисти. Од есента 2014 година дејствува како полк, а според извештаите на медиумите, пред избувнувањето на војната имал околу 1.000 борци и имал сопствена артилерија и тенкови. Во тоа време, владата во Киев одлучи да ги интегрира ултранационалистите во државните структури.

Во 2015-2016 година се појави движење – еден вид политички огранок на „Азов“. Билецки поднесе оставка како командант и заедно со поранешни соборци ја основа партијата „Национален корпус“, која, сепак, не можеше да забележи никакви изборни успеси. Билецки влезе во парламентот со директен мандат, но не бил таму од изборите во 2019 година. Според неговите сопствени изјави, тој од самиот почеток на руската инвазија се бори на фронтот кај Киев.

Умланд вели дека мит за „Азов“ бил создаден и поради руската пропаганда. Во војната во 2014 година имаше многу обвинувања против доброволните борци, вклучувајќи го и „Азов“, за грабежи и недолично однесување.

Во американскиот Конгрес во 2019 година имаше иницијатива за класификација на полкот како „терористичка организација“. Сепак, тоа не се случи. Факт е дека „Азов“ со години одржува контакти со десничарски екстремистички сцени во странство. Контакти имало и во Германија, се вели во одговорот на германската влада на прашање на пратеничката група на партијата на Левицата.

„Ние обично гледаме на десничарскиот екстремизам како на нешто опасно што може да доведе до војна“, вели Умланд. Во Украина беше обратно. Според Умланд, војната доведе до подем и трансформација на маргиналното другарство во политичко движење. Сепак, нивното влијание врз општеството е преценето. За повеќето Украинци, тие се борци кои ја бранат својата земја од надмоќниот агресор.

извор/фото: Дојче Веле