Бизнисменот Орце Камчев, попладнево во Основниот кривичен суд Скопје даваше одбрана во случајот „Плацови на Водно“, каде е обвинет и сведочеше за тоа кога тој и неговите фирми се вклучуваат во купувањето на атрактивното земјиште. Плацовите првично биле купени преку фирмата Сирах Инженринг, кога е фирма-ќерка на Сирах Лимитед од Белизе, а обвинителството тврди дека тоа се правело за да се скрие нивниот краен сопственик – експремиерот Никола Груевски, првообвинет во случајот.
Камчев во сведочењето кажа дека за двете фирми слушнал дури во 2015 година, исто како и за земјиштето на Водно односно откако излегле написи во весниците и почнаа да се објавуваат бомби, објави 360stepeni.mk.
„Во мојата канцеларија дојде Ненад Јосифовиќ, вработен како директор на правна служба кај мене, беше вознемирен и ми вика ’ова е фирма Сирах која е регистрирана на мое име, за која не сум ти кажал и која е предадена да прават бизнис зделки‘. Ми раскажа кои луѓе се инволвирани во таа почетна приказна, кој побарал, што правел, колку пари се платени. Рековме добро, пробај да се откачиш од таа фирма зошто нема ништо поврзано со тебе. Ниту влез, ниту излез на пари. Месец време потоа ми се јави Сашо Мијалков и ми вика ’да го примиш Ристе на кафе‘. Ристе Новачевски дојде кај мене, се знаеме, заедно сме учеле средно школо. Ми кажа дека го праќа Никола Груевски да се видиме во врска со земјиште на во сопственост на фирмата каде што Ристе бил директор, а сопственик на истата е Ненад Јосифоиќ“, раскажуваше Камчев како влегов во зделката со земјиштето на Водно.
Тој тврдеше дека со Груевски во тој период немал контакти туку неговата сестра Кристина Камчева е таа која контактирала приватно со тогашниот премиер.
Потоа, преку сестра му, Камчев вели дека добиле порака од Груевски дека сака да се задржи една парцела, а бил потпишан и договор со кој фирмите на Камчеви ќе ја купат фирмата Сирах во чија сопственост биле плацовите. Меѓутоа, според тврдењето на Камчев, тогашниот премиер се откажал комплетно од целото земјиште и решил да го продаде целосно, а за возврат побарал адекватни станови. Било договорено, како компензација експремиерот да добие три стана со вкупно 750 квадрати, кои Камчев ги нарече „ексклузивни станови“.
Текстот во целост на: 360stepeni.mk.