Ердоган: „Анкара и Москва заеднички ќе работат на изградба на центар за природен гас во Туркије“

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека Анкара и Москва заеднички ќе работат на изградба на центар за природен гас во регионот Тракија во Туркије, по предлогот на рускиот претседател Владимир Путин претходно оваа недела, јавува Агенција Анадолија (АА).

„За таков дистрибутивен центар, се разбира, Тракија се смета за најважното место за овој бизнис“, изјави Ердоган, мислејќи на регионот во северозападна Туркије, во близина на грчката граница.

„Заедно со рускиот претседател Владимир Путин го задолживме нашето Министерство за енергетика и природни ресурси и релевантната институција од руска страна да работат заедно. Тие ќе ја завршат оваа работа таму“, им рече Ердоган на новинарите во претседателскиот авион кој се враќаше од патувањето во Казахстан.

„Се надеваме дека ќе го формираме овој дистрибутивен центар каде што ќе се најде погодно место. Имаме национален дистрибутивен центар, но се разбира, сега ова ќе биде меѓународен дистрибутивен центар“, рече Ердоган.

Во рамките на Самитот на Конференцијата за интеракција и мерки за градење доверба во Азија во главниот град на Казахстан, Астана, Ердоган претходно одржа состанок зад затворени врати со Путин, кој предложи изградба на центар за природен гас во Туркије.

Пофалувајќи ја Туркије како најсигурен партнер за испорака на гас во Европа, Путин рече дека изградбата на центар во Туркије ќе овозможи, меѓу другото, регулирање на цените, продажба на гас по пазарни цени, „не високи“ и исклучување на „политизацијата“ од ова прашање.

Во врска со тековната Руско-украинска војна, Ердоган, исто така, за новинарите изјави дека посредувањето на Анкара меѓу двете земји продолжува.

„Во однос на посредувањето на Туркије, довербата што Русија и некои други земји ја имаат во Туркије, останува иста“, рече Ердоган, додавајќи: „Континуираната доверба во Туркије, исто така нѐ радува.“

Туркије е во близок контакт и со Русија и со Украина од почетокот на војната. Ердоган постојано ја истакнува својата желба Путин и украинскиот претседател Владимир Зеленски да се состанат на преговарачка маса во Туркије за да се стави крај на војната.

извор:Агенција Анадолија (АА).

фото:Агенција Анадолија (АА).