Нова инвестија и целосна обнова на ПС Гази Баба

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и неговиот заменик Назим Буши, директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски, денеска ја посетија реконструираната полициска станица во Општина Гази Баба. Настанот започна со положување на свежо цвеќе од страна на премиерот Ковачевски на споменикот на Македонските херои, а по повод 13 Ноември, Денот на ослободувањето на Градот Скопје, по што беше направен увид на завршените градежни работи со кои објектот станува енергетски ефикасен.

Во продолжение е изјавата на премиерот Ковачевски во целост.

„Вистинската грижа за вработените, за граѓаните, за развојот на државата и општеството се гледа преку конкретни дела.

Денеска, на овој важен ден за Градот Скопје, денот кога го одбележуваме неговото ослободување, овде во Општина Гази Баба ја посетив целосно реконструираната полициска станица и лично се уверив дека со завршените градежни зафати сега имаме еден целосно модерен и функционален објект.

Со оваа инвестиција не само што обезбедуваме подобри услови за работа на полицијата, туку обезбедуваме и подобри услови за граѓаните кои ги користат услугите на МВР тука.

Овој објект, никогаш досега не бил саниран, ова е прва и единствена интервенција до сега. И тоа ме направи посебно горд бидејќи оваа реконструкција, ја направивме со околу 27 милиони денари, финансии од државниот буџет и тоа во време на економско-енергетска криза, токму кога јас сум премиер на Владата.

Оваа инвестиција е исто така значајна затоа што со неа обезбедуваме меѓу другото и енергетски ефикасен објект, со што ќе се овозможи заштеда на електрична енергија во услови на енергетска криза, кога ни е повеќе од потребно рационално и одговорно искористување на струјата.

Ние сме одговорна Влада и располагаме со Буџетот одговорно. Само со таков пристап се можни вакви подобрувања. Ние се грижиме за секој денар на граѓаните и вложуваме онаму каде што е најпотребно.

Токму затоа од 2017 година до сега, реконструирани се вкупно 78 полициски станици низ целата држава, а денес можеме да разговараме и за изградба на две нови круцијални објекти важни за работата на министерството.

Токму затоа го имаме ИКТ Центарот во Прилеп, проект од 11 милиони евра со кој се овозможи промена на целокупната информатичка инфраструктура на Министерството за внатрешни работи и се обезбеди систем за компатибилна размена на податоци и информации со сите институции во државата.

Токму затоа и се гради новиот форензички центар, инвестиција од околу три милиони евра, што е уште една силна потврда за посветеноста на оваа Влада за обезбедување подобри услови за функционирање на институциите но уште поважно, подобри услови за живот и работа на секој граѓанин.

Ова е видливо и се препознава во секој наш чекор, во секоја наша одлука.

Одговорното менаџирање на Буџетот се огледа и во фактот дека во време на толку голема криза, успеавме да обезбедиме и зголемување на платите на вработените во МВР.  Во периодот од 2018 до 2022 година платите на сите вработените во МВР се зголемени три пати по 5%.

Посебно значајно е што ја зголемивме основната компонента за полицаец, нешто што е направено за првпат од независноста наваму.

Дополнително, со последните усогласувања предвидени со Законот за минимална плата, платите во МВР, за најниското платеното работно место согласно систематизацијата, се над предвидената минимална плата.

Но, можеби најважниот момент е што со отворен дијалог со репрезентативниот Македонски полициски синдикат, со најновиот Колективен договор, овозможуваме подобар социјален статус преку повеќе програми и нивоа, и обезбедуваме поголема мотивираност на припадниците на МВР и повисоки резултати во работењето.

Јас сум навистина почестен што денеска сум тука, меѓутоа имам огромна почит за нашата полиција. Тие работат една од најтешките работи и задачи во државата, голем дел од времето во многу опасни услови. Јас како премиер и ние како Влада, сме целосно посветени да им обезбедиме достоинствени услови за работа и секако да имаат почит достоинствена за нив во општеството.

Од она што го имам како информација, до 2017 година, одредени единици на полицијата повеќе од 10, 15 години немаа добиено ниту униформи, ниту чевли, ниту чизми, ниту друга потребна опрема, којашто е основна за полициските службеници. Затоа, си земавме за обврска да го поправиме тоа и на повеќе наврати изминативме пет години набавивме униформи и друга потребна опрема за полицијата во вредност од над 10 милиони евра.

Во кратки пет години, од полициски службеници кои беа доведени во состојба на супстандардни услови, без потребна опрема и униформи, создадовме мотивирана и задоволна полиција која работи во интерес на граѓаните и државата.

Реков дека никој нема да биде оставен сам, и тоа се однесува и на полицијата, тие се исклучително важна алка во општеството.

Со реформите кои ги спроведуваме, денес полицијата е заштитник на безбедноста на граѓаните, државата и демократијата. Заврши времето на политичка злоупотреба, денес, со вложен огромен труд и посветеност имаме професионална, департизирана полиција, и на тоа сум особено горд. После сите премрежија кои ги имавме како држава, овие реформи и инсистирање на професионализација на полицијата, е нашиот влог во иднината и во развојот на демократијата и државата воопшто.

На крај би сакал да изразам огромна благодарност но и честитки до припадниците на МВР за постигнатиот напредок во безбедноста и справувањето со криминалитетот“, рече премиерот Ковачевски.

извор: Влада

видео: Влада