Јохансон: Бугарија, Романија и Хрватска целосно да учествуваат во шенген-зоната

0
187

Европската комисија денеска го повика Советот на ЕУ да ги донесе неопходните одлуки без натамошно одлагање, за да им се овозможи на Бугарија, Романија и Хрватска целосно да учествуваат во шенген-зоната, изјави комесарката за внатрешни работи Илва Јохансон.

На прес-конференцијата Јохансон објасни дека со влезот во шенген-зоната на овие три земји, соседи на државите од Западен Балкан, нема да се зголеми бројот на мигранти кои преку тој регион доаѓаат во ЕУ.

„Се договоривме за оперативно партнерство против шверцот со Западен Балкан“, рече таа.

„Договорено е земјите од регионот да ја усогласат својата визна политика со европската“, нагласи Јохансон, одговарајќи на загриженоста на некои земји членки кои стравуваат дека приемот на овие три земји во шенген-зоната е прерано.

Земјите членки го имаат последниот збор за проширувањето на шенген-зоната. Некои земји членки, како Холандија, Данска или Шведска, не се целосно убедени дека е време да се отворат шенгенските врати за Бугарија и Романија, пишуваат медиумите во регионот.

 

makfax.mk