Продолжува собраниската седница за реконструкција на Владата

0
165

Собранието денеска напладне треба да ја продолжи 104. Седница на која се расправа за реконструкција на Владата. На дневен ред е предлогот за разрешување на министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити и на министерот за здравство Беким Сали од партијата Алтернатива, која ја напушти Владата, откако претходно падна одлука на владиниот состав да му се приклучи партијата Алијанса за Албанците.

Сто и четвртата седница почна на 13 февруари, откако Собранието ги констатираше оставките на министерот за правда Никола Тупанчески и на министерот за животна средина Насер Нуредини, како и на заменик-министрите за здравство Владимир Рендевски и за правда Агим Нухиу.

Расправата за Алити почна во петокот, откако во четвртокот вечерта заврши дебатата за разрешувањето на министерот за здравство Беким Сали. Гласањето за разрешувањето на Сали треба да биде дополнително закажано, а не се одржа бидејќи немаше доволен број пратеници во собраниската сала.

Останува уште и разрешувањето на министерот без ресор задолжен за дијаспора Џемаил Чупи, како и назначувањата на Фатмир Меџити за министер за здравство, Азир Алиу за министер за информатичко општество, Кренар Лога за министер за правда и Каја Шукова за министер за животна средина, како и разрешувањето и на назначување на нови заменици министри.

извор: slobodnaevropa.mk