Почна санација на ѕидовите на црквата “Свети Димитрија” во Горна Горица, отец Темелко апелира за поддршка

Продолжуваат активностите за заштита на црквата “Свети Димитрија” во село Горна Горица, една од најпознатите цркви во Мала Преспа. Со Божја помош и помош на сите верници од Горна Горица, продолжуваме со активностите, овој пат со реконструкција  на западниот ѕид на црквата. Бидејќи постоеше опасност од целосно оштетување на ѕидот почнавме со  реконструкција и втемелување со бетон и заштита на темелите на оваа црква за секогаш, изјави за МИА, отец Алекс Темелко. Додава дека за овој зафат се бара голем труд и напор и финансиски средства за да се реализира успешно до крај. Имајќи во предвид дека финансиските средства на нашата црква се минимални ги повикуваме сите верници од Горна Горица и Мала Преспа и пошироко да помогнат со финансиски средства колку што можат за да се заврши започната работа, за која се потребни вкупно 1.500 евра. Секој што дарува себе си дарува. Од напред ви благодарам за поддршката. Господ сите да не Благослови, наведува отецот.
Минатата година во пресрет на празникот Христово воскресение, Велигден, благодарение на Деан Нестор, иселеник од ова село црквата доби нови сводови на тремот во црквата. Изградбата на овие прекрасни сводови се реализира со помош на донација од 1000 евра, подарени од Деан Нестор со потекло од село Горна Горица. Господ да го благослови него и неговото најмило семејство. Се надеваме дека овој негов пример ќе го следат и други наши македонски иселеници од село Горна Горица, изјави отец Темелко. Црквата “Св. Димитрија” во село Горна Горица изградена е во втората половина на XIX век.
vesnik-ilinden.com