Инцидентот се случил на 6 јули кога жената, чиј идентитет не е откриен, седела на отворена тераса и пиела кафе со пријателка. Одеднаш нешто ја погодило во пределот на ребрата.

„Се слушна силно ‘бум’ од покривот до нас. Во следниот момент почувствував удар во пределот на ребрата. Мислев дека е животно во прашање. Лилјак, можеби. Кога го најдовме каменот, помисливме дека е парче цемент од покривот, но не беше таква боја“, го опиша настанот Французинката за локалниот весник Ледерниер нувел де Алзас.

За да истражи од каде долетало камчето на нејзината тераса, таа се обратила до локалниот мајстор за изградба на кровови, кој и рекол дека дефинитивно не е цемент од покривот.

Мистериозниот објект му го покажала и на геологот Тиери Ребман, кој го потврдил неговото вонземско потекло.

Геологот изјавил дека во внатрешноста на метеоритот има мешавина од железо и силициум, што само по себе не е ништо необично. Сепак, исклучително ретко се случува метеорит да удри човек.

Првиот потврден случај на директно погодување на лице од метеорит се случи во САД пред речиси 70 години.

„Исто така е многу ретко да се најде метеорит во овие континентални области бидејќи тие лесно се мешаат со околните карпи. Од друга страна, во пустинска средина можеме полесно да ги најдеме“, забележува Ребман.

Метеоритите се „вселенски карпи“ кои го преживуваат патувањето низ Земјината атмосфера и удираат во земјата. Се проценува дека скоро 50 тони метеоритски материјал паѓа на Земјата секој ден, според НАСА.

Во мај оваа година беше објавено дека метеорит прелетал низ покривот на домот на едно американско семејство во Њу Џерси и го оштетил подот.