Стотици мртви пингвини на уругвајскиот брег

0
214

На источниот брег на Уругвај се пронајдени околу 2.000 мртви пингвини. Експертите сметаат дека прекумерниот риболов на морињата е причина за масовното истребување.

Ополномоштеничката во Министерството за животна средина, Кармен Леизагојен, за агенцијата АФП изјави дека 90 отсто од пингвините се млади магелански пингвини кои умреле во Атлантикот, а потоа биле исфрлени на плажите во окрузите Канелонес, Малдонадо и Роча. Според неа, младите пингвини немале резерви на маснотии.

Причините за масовниот помор сè уште не се целосно разјаснети. Вирус на птичји грип не е откриен кај ниту еден од мртвите пингвини, нагласи Леизагојен. Магеланските пингвини се гнездат во јужна Аргентина. Кога на јужната хемисфера доаѓа зима, тие мигрираат на север во потрага по храна и потопли води, а потоа се населуваат во соседната земја на Уругвај, Бразил.

„Нормално е да умре одреден процент пингвини, но не и толкав број“, потенцира Леизагојен. Според неа, сличен помор на пингвини имало во Бразил минатата година. И причините за тој помор не се познати до денес.

Според еколозите, пингвините сѐ повеќе страдаат поради прекумерен риболов на морињата. Ричард Тесоре од организацијата SOS Rescate Fauna Marina, укажува и на бура во Атлантикот во средината на јули, која можеби довела до смрт на многу ранливи животни. Покрај пингвините, последниве денови на плажите на Малдонадо се појавија и мртви морски птици, морски желки и морски лавови, вели Тесоре.

Шефот на еколошката организација Ambiente de Rocha, Родриго Гарсија, повика на формирање на морски заштитени подрачја. „Пингвинот ни го покажува врвот на ледениот брег на страшната ситуација што ја доживува целиот југозападен Атлантик поради нелегалниот, нерегистриран, нерегулиран риболов“, објаснува тој.

извор:dw.com

фото:dw.com